И покрај тоа што неговите претходни коментари сугерираа дека војната со Иран би можела наскоро да заврши, тој сега ја нагласи американската воена издржливост, односно дека имаат неспоредлива огнена моќ, неограничена муниција и многу време
Американскиот претседател Доналд Трамп на неговата социјална мрежа Трут соушл упати ново предупредување до Иран, со што најави понатамошни воени дејствија во актуелниот конфликт. Според него, САД ја добиваат војната, а воените ресурси на Иран се значително намалени од почетокот на конфликтот.

„Гледајте што ќе се случува денеска со тие ѓубриња. Тие убиваат невини луѓе низ целиот свет веќе 47 години, а јас сега, како 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави, ги убивам. Каква голема чест е тоа“,
напиша тој на Трут соушл.
И покрај тоа што неговите претходни коментари сугерираа дека војната со Иран би можела наскоро да заврши, тој сега ја нагласи американската воена издржливост.
„Имаме неспоредлива огнена моќ, неограничена муниција и многу време“,
рече тој.
Посочи дека иранската морнарица е уништена, како и нивните воздухопловни сили.
„Ракетите, беспилотните летала се уништени, а нивните лидери се збришани од лицето на земјата“,
кажа Трамп.
Пред два дена Трамп му се закани на Иран со тешко бомбардирање ако се обиде да го блокира Ормускиот Теснец, една од најкритичните светски тури за извоз на нафта, додавајќи дека воените последици ќе бидат на ниво што никогаш претходно не е видено.
„Нема да дозволам терористички режим да го држи светот како заложник и да се обиде да го спречи снабдувањето со нафта. Ако Иран направи нешто такво, ќе бидат погодени многу, многу посилно. Ако сакаат да ја играат таа игра, подобро да не го прават тоа“,
рече тогаш тој.
