Тој на сопствената мрежа Трут соушал (Truth social) објави дека знае каде се крие иранскиот врховен лидер, но оти засега не е планиран напад врз него

Американскиот претседател Доналд Трамп издаде серија јавни предупредувања до Иран, нарекувајќи го врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи лесна цел и нагласувајќи дека американското трпение е при крај.
Тој на сопствената мрежа Трут соушал (Truth social) објави дека знае каде се крие иранскиот врховен лидер, но оти засега не е планиран напад врз него.
„Точно знаеме каде се крие таканаречениот врховен лидер. Тој е лесна мета, но таму е безбеден, нема да го извлечеме од таму (убиеме!), барем не засега. Но, ние не сакаме проектили да убиваат цивили или американски војници. Нашето трпение е при крај. Ви благодариме за вашето внимание!“,
напиша Трамп.
Кратко потоа, тој објави само една реченица, напишана со големи букви: „БЕЗУСЛОВНО ПРЕДАВАЊЕ“.
Претходно, американскиот портал „Аксиос“ (Axios), повикувајќи се на неименувани владини претставници, објави дека Трамп го стопирал израелскиот план за атентат врз иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, за време на викендот.
Израелската армија проценила дека има можност за напад, но Трамп не го прифатил планот.
Според „Аксиос“, Белата куќа продолжува да ги поддржува целите на Израел за уништување на иранската нуклеарна и ракетна програма, но е против планот за соборување на Исламската Република со сила.