Критикувајќи го Хамас за одолговлекувањето со одговорот во врска со неговиот мировен план за Газа, американскиот претседател рече дека ако не се постигне договорот палестинската милитантна група ќе се соочи со пекол каков што досега никој не видел
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ даде рок за палестинската милитантна група Хамас да се согласи со планот на Белата куќа за прекин на конфликтот во Појасот Газа и да спроведе мировен договор до 18 часот по американско време в недела.

Критикувајќи го Хамас за одолговлекувањето со одговорот во врска со неговиот мировен план за Газа, Трамп рече дека ако не се постигне договорот милитантната група ќе се соочи со пекол каков што досега никој не видел.
„На Блискиот Исток ќе има мир на еден или на друг начин“,
напиша Трамп во објавата на својата социјална мрежа Трут соушл.
Американскиот претседател посочи дека и покрај немилосрдните дејствија на Хамас со години наназад, милитантната група добила последна шанса да опстане благодарение на мировниот договор поддржан од големите сили на Блискиот Исток и Соединетите Американски Држави.
„Со договорот ќе бидат поштедени и животите на преостанатите борци на Хамас. Договорот е во полза на сите. Ќе имаме мир на Блискиот Исток на еден или на друг начин, а насилството и крвопролевањето ќе престанат“,
додаде Трамп.
Во објавата на својата социјална мрежа Трамп повика на ослободување на сите заложници, вклучувајќи ги и телата на загинатите, а од сите Палестинци побара веднаш да ја напуштат зоната на, како што рече, потенцијална смрт, и да се преселат во побезбедни делови од Газа.