Американскиот претседател Доналд Трамп предлага да се воведат дополнителни санкции кон Русија доколку рускиот претседател Владимир Путин не прифати мировни преговори за ставање крај на војната во Украина
Не сакам да ѝ наштетам на Русија. Го сакам рускиот народ и отсекогаш сум во добри релации со рускиот претседател Владимир Путин. Затоа направете договор и запрете ја оваа смешна војна. Ова денеска го напиша американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“, упатувајќи предупредување дека доколку не престане војната во Украина, Русија ќе се соочи со високи нивоа на даноци, тарифи и санкции.

„Никогаш не смееме да заборавиме дека Русија ни помогна да победиме во Втората светска војна, губејќи речиси 60 милиони животи во тој процес. Со сето ова, ќе ѝ направам голема услуга на Русија, чија економија е во колапс, но и на претседателот Путин. Направете договор сега и престанете со оваа смешна војна! Во спротивно ќе биде сè полошо“,
напиша Трамп.
Посочи дека ако наскоро не се направи договор, нема да има друг избор освен да постави високи даноци, тарифи и санкции за сè што Русија ќе им продаде на Соединетите Држави, но и на други земји.
„Да ставиме крај на оваа војна која никогаш немаше да започне ако јас бев претседател! Можеме да го направиме тоа на лесен или на потежок начин, а лесниот начин е секогаш подобар. Време е да се склучи договор. Не треба да се губат повеќе животи“,
вели американскиот претседател.
Трамп за време на неговата кампања вети дека ќе стави крај на руско-украинската војна.
Веќе најави дека САД би можеле да воведат нови санкции кон Русија.