Американски и украински дипломатски претставници изминатиот период поминаа во интензивна шатл-дипломатија додека Киев се соочува со притисок од Трамп да ја заврши војната што трае речиси четири години, а Москва одбива да престане со нападите, пишува Ројтерс

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата порака до рускиот лидер Владимир Путин е дека војната во Украина мора да заврши. Изјавата на Трамп доаѓа по неговата денешна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Давос.
Американски и украински дипломатски претставници изминатиот период поминаа во интензивна шатл-дипломатија додека Киев се соочува со притисок од Трамп да ја заврши војната што трае речиси четири години, а Москва одбива да престане со нападите, пишува Ројтерс.
По средбата со украинскиот лидер што траеше околу еден час, Трамп рече дека имале добра дискусија, но не даде дополнителни детали за суштината на разговорот.
„Мислам дека средбата со претседателот Зеленски беше добра. Тоа е тековен процес“,
рече Трамп велејќи дека американските претставници денеска се упатуваат на разговори во Москва.
На прашањето каква е неговата порака за Путин, Трамп одговори: „Војната мора да заврши“.
Зеленски претходно оваа недела изјави дека ќе отпатува во Давос само ако може да потпише договори со Трамп за безбедносни гаранции од САД и финансирање за повоена обнова на Украина, но по состанокот немаше индикации дека е постигнат некаков напредок.
Зеленски во својот говор на Светскиот економски форум во Давос, зборувајќи за евентуален прекин на огнот, рече дека сè уште не е постигнат договор со САД за безбедносни гаранции, што тој го смета за клучен.
Говорејќи за денешната средба со Трамп, Зеленски рече дека документите насочени кон завршување на војната се речиси готови. Тој додаде дека Украина дејствува чесно и решително и дека Русија мора да биде подготвена да ја прекине оваа агресија.
