Трамп посочи дека САД ќе произведуваат и испраќаат врвно оружје до сојузниците на НАТО, а потоа Алијансата ќе одлучи каде тоа оружје е најпотребно
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Русија со нови, високи царини ако не се согласи на договор за прекин на војната во Украина во рок од 50 дена.
Зборувајќи во Белата куќа заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп рече дека е многу незадоволен од однесувањето на Москва.

„Доколку нема договор, ќе воведеме сериозни секундарни царини – околу 100 проценти“,
рече Трамп.
Трамп посочи дека САД ќе произведуваат и испраќаат врвно оружје до сојузниците на НАТО, а потоа Алијансата ќе одлучи каде тоа оружје е најпотребно.
„Ќе произведуваме врвно оружје и ќе го испраќаме до НАТО“,
рече Трамп, додавајќи дека дистрибуцијата, вклучително и испораките до Украина, ќе биде координирана од самата алијанса.
Руте, одлуката на Трамп, ја опиша како историска.
„Ова е навистина голема работа“,
рече Руте, додавајќи дека тоа ќе ѝ овозможи на Украина да ја одржи својата одбрана од Русија.
Тој истакна дека европските земји ќе ги покријат трошоците за оружјето, на што Трамп додаде:
„Тоа има совршена смисла“.
Руте заклучи дека овој модел на градење европска одговорност доаѓа како продолжение на успехот на неодамнешниот самит на НАТО, велејќи дека Европејците сега ја преземаат водечката улога.