Трамп повторуваше дека САД „апсолутно“ мора да го преземат Гренланд, со што дополнително ќе го зголемат притисокот врз Данска, на која островот формално ѝ припаѓа

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе нови царини за земјите кои не го поддржуваат неговиот план САД да ја преземат контролата врз Гренланд.
„Би можел да воведам царини за земјите ако не се согласат со Гренланд, бидејќи ни е потребен Гренланд за национална безбедност“,
рече Трамп на тркалезната маса во Белата куќа.
Трамп повторуваше дека САД „апсолутно“ мора да го преземат Гренланд, со што дополнително ќе го зголемат притисокот врз Данска, на која островот формално ѝ припаѓа.
Неговата нова изјава доаѓа по состанокот во средата во Белата куќа, на кој учествуваа данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд Вивијан Мотцфелд, заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс.
Расмусен рече дека состанокот следел по серија значајни јавни изјави за Гренланд, а целта била да се најде заеднички начин за зајакнување на безбедноста на Арктикот. Тој состанокот го опиша како искрен, но и конструктивен.
Сепак, како што пренесува Би-би-си, од нивните изјави јасно е дека не ја убедиле администрацијата на Трамп да се откаже од барањето за припојување на Гренланд кон САД.
Министрите по состанокот рекоа дека останува фундаменталното несогласување, додавајќи дека нивната црвена линија е територијалниот интегритет на Гренланд.
Трамповиот обид да го контролира Гренланд предизвика негодување кај европските земји, кои стравуваат дека овој потег би можел да ги прекине долгогодишните трансатлантски врски. Некои почнаа да испраќаат војници на полуавтономниот арктички остров кој моментално е територија на Данска.
Американска делегација составена од демократски и републикански конгресмени денеска треба да се сретне со лидерите на Данска и на Гренланд во знак на поддршка на нивните напори да се спротивстават на аспирациите на Трамп за присвојување на арктичкиот остров.
