Според министерката за внатрешна безбедност на САД, Кирсти Ноем, Трамп ѝ рекол на Родригез дека може да ја води земјата или да се повлече, но оти нема да дозволи да продолжи поткопувањето на американското влијание во Венецуела
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ѝ се закани на новата претседателка на Венецуела, Делса Родригез дека би можела да плати повисока цена од соборениот лидер Николас Мадуро, ако не го стори она што е исправно.

„Ако не го стори она што е исправно, ќе плати многу висока цена, веројатно повисока и од Мадуро“,
кажа тој во интервју за „Атлантик“, пренесува Би-би-си.
Зборувајќи за иднината на Венецуела, Трамп рече дека промената на режимот е подобра од таа што била, бидејќи не може да биде полошо.
Министерката за внатрешна безбедност на САД, Кирсти Ноем, изјави дека Трамп искомуницирал со Родригез и оценил дека разговорот бил „многу јасен“.
„Можете да водите или можете да се повлечете, но ние нема да ви дозволиме да продолжите да го поткопувате американското влијание во Венецуела“,
ѝ рекол Трамп на Родригез, според Ноем.
Врховниот суд на Венецуела ѝ наложи на потпретседателката Делси Родригез да ја преземе улогата вршител на должноста претседател во отсуство на Николас Мадуро, кој беше уапсен во операција на американските сили.
Во пресудата на судот се наведува дека Родригез ќе ги преземе „должностите претседател со цел да се гарантира административен континуитет и сеопфатна одбрана на нацијата“.
Инаку, Родригез вчера изјави дека Николас Мадуро е единствениот претседател на Венецуела, откако Трамп рече оти таа положила заклетва штом Мадуро бил одведен од земјата во американска воена операција.
Трамп изјави дека САД ќе ја водат Венецуела до „безбедното“ предавање на власта.
