Шпанија тврди дека може да ги исполни своите специфични обврски кон НАТО без да потроши пет отсто од својот БДП
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани дека ќе ги удвои американските царини за увоз на производи од Шпанија поради одбивањето на таа земја да ги зголеми трошоците за одбрана, објави ДПА.
Трамп го упати предупредувањето по завршувањето на самитот на НАТО во Хаг, каде што сојузниците се согласија да ги зголемат годишните трошоци за своите армии и воена инфраструктура на пет отсто од нивниот БДП. Овој потег е дел од најголемата програма за вооружување на Алијансата од крајот на Студената војна.
Сепак, Шпанија тврди дека може да ги исполни своите специфични обврски кон НАТО без да потроши пет отсто од својот БДП.
Трамп ја опиша позицијата на Мадрид како ужасна.
„Шпанија е единствената земја која одбива да плати. Нема да го дозволам ова. Не е фер. Преговараме за трговски договор со Шпанија. Ќе ги натераме да платат двојно. Го кажувам тоа сериозно“,
рече Трамп.
Тој ја објави одлуката на сојузниците на НАТО да потрошат пет проценти од БДП за одбрана и трошоците поврзани со неа до 2035 година како личен голем успех, забележа ДПА.
„Ова е монументална победа за Соединетите Американски Држави бидејќи плативме многу повеќе од нашиот фер дел. Се работи за безбедноста на Европа и светот“,
нагласи Трамп.