Тој одлуката ја објави на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social), наведувајќи дека условот таа да опстои е Иран повторно да го отвори Ормускиот теснец. Во објавата Трамп ваквата ситуација ја опишува како двостран прекин на огнот
Американскиот претседател, Доналд Трамп вечерва соопшти дека го прифаќа предлогот на Пакистан и ќе ги суспендира заканатите за бомбардирање на енергетската инфраструктира и мостовите во Иран за две недели.

Трамп одлуката ја објави на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social), наведувајќи дека условот таа да опстои е Иран повторно да го отвори Ормускиот теснец. Во објавата Трамп ваквата ситуација ја опишува како двостран прекин на огнот.
„Врз основа на разговорите со премиерот (на Пакистан н.з.) Шехбаз Шариф и фелдмаршалот Асим Мунир од Пакистан, во кои тие побараа да го одложам испраќањето на деструктивната сила вечерва во Иран, и под услов Исламската Република Иран да се согласи на ЦЕЛОСНО, НЕПОСРЕДНО и БЕЗБЕДНО ОТВОРАЊЕ на Ормускиот теснец, се согласувам да го суспендирам бомбардирањето и нападот врз Иран за период од две недели. Ова ќе биде двостран ПРЕКИН НА ОГНОТ!“,
вели американскиот претседател во објавата.
Причината за тоа, како што додава, е што САД веќе ги исполниле и надминале своите воени цели, како и тоа што сè уште е потребно време за конечен договор за долгорочен мир со Иран и мир на Блискиот Исток.
„Добивме предлог од 10 точки од Иран и веруваме дека тоа е функционална основа врз која ќе се преговара. Речиси сите различни точки од минатите спорови се договорени меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, но период од две недели ќе овозможи договорот да се финализира и конзумира. Во име на Соединетите Американски Држави, како претседател, а исто така и како претставник на земјите од Блискиот Исток, чест е што овој долгорочен проблем е блиску до решавање. Ви благодарам за вниманието за ова прашање!“,
напиша Трамп на Трут соушл.
Претходно во текот на денот, премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф побара продолжување на рокот за договор што Трамп му го даде на Техеран, наведувајќи дека дипломатските напори напредуваат стабилно и силно, со потенцијал да доведат до суштински резултати во блиска иднина, пренесоа светските медиуми.
„Ги повикуваме сите завојувани страни да почитуваат прекин на огнот насекаде во траење од две недели за да ѝ се овозможи на дипломатијата да постигне договор за конечно завршување на војната, а во интерес на долгорочен мир и стабилност во регионот“,
наведе Шариф во праката што ја објави на социјалните мрежи.
Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата упати остра порака до Иран во која се закани дека доколку Техеран за 48 часа не склучи договор или не го отвори Ормускиот Теснец, ќе се соочи со пекол од САД. Ултиматумот за договор истекуваше денеска во 20 часот по локално време во Вашингтон, односно 2 часот по средноевропско време.
Во вторникот (7 април) Трамп го повтори предупредувањето со многу подраматична реторика, велејќи дека „цела една цивилизација вечерва ќе умре и никогаш повеќе нема да се врати“.
Техеран го отфрли најновиот предлог за привремен прекин на огнот инсистирајќи на траен крај на непријателствата.
