На собирот во Валдоста тој повторно зборуваше за украдената победа со гласовите по пошта, но посредно призна дека неговата надворшна политика „Да ја направиме Америка повторно силна“ наскоро може да биде променета од новиот претседател
Американскиот претседател Доналд Трамп го одржа својот прв митинг по поразот на претседателските избори во САД.
Настанот беше во Џорџија, една од клучните држави каде Трамп најтешко го доживеа поразот. Собирот е дел од кампањата пред клучните избори за втор круг во Сенатот во јануари, кои ќе одлучат дали републиканците ќе ја задржат контролата во горниот дом на Конгресот.
Џо Бајден е првиот демократски кандидат што победил во оваа сојузна држава на претседателските избори од 1992 година наваму. Трамп постојано одбива да го признае својот пораз и постојано настапува со тврдења за измама на гласачите.

Откако гувернерот на Џорџија, кој е републиканец, ги потврди резултатите од изборите и победата на Бајден, тој е на мета на постојани критики на Трамп.
И овој пат, пред почетокот на митингот Трамп го критикуваше Брајн Кемп на Твитер, и го повика да помогне во поништување на изборната победа на Бајден во државата.
„Лесно и брзо ќе ја освојам Џорџија ако гувернерот @BrianKempGA или државниот секретар дозволат едноставна верификација на потписот… Зошто овие двајца ‘републиканци’ го одбиваат тоа?“,
напиша Трамп на Твитер.
Сепак, во својот говор подоцна, кој траел два и пол часа, претседателот индиректно го признал поразот, тврдејќи дека неговите мерки за надворешна политика може да се променат наскоро поради новоизбраниот претседател.
Си-ен-ен објави дека лица запознаени со разговорите на Трамп и Кемп изјавиле дека Трамп вчера наутро му се јавил на Кемп и наводно побарал од гувернерот да свика специјална седница и да ги убеди законодавците да изберат членови на Изборниот колеџ кои ќе го поддржат ина тој начин да го смени резултатот во Колеџот кој ќе се изјасни во текот на овој месец.
Според американскиот Устав, Бајден ќе ја преземе должноста на 20 јануари, без оглед дали Трамп ќе го признае поразот.
Кампањата што вчера ја започна Трамп е за вториот круг за избор на членови на Сенатот во јануари. Републиканската партија во моментов има мало мнозинство во горниот дом, а победата во вториот круг би значело дека тоа ќе го задржи и ќе може да му се спротивставува на новоизбраниот претседател Бајден при носењето на одлуки.
Меѓутоа, ако демократите ги освојат двете преостанати места, тие би контролирале половина од местата во Сенатот.
Демократите веќе имаат контрола во долниот дом на Конгресот – Претставничкиот дом.
