„Откако Хамас ќе потврди, прекинот на огнот ќе стапи на сила веднаш, ќе започне размена на заложници и затвореници и ќе создадеме услови за следната фаза на повлекување“, вели американскиот претседател

Пред состанокот на претставниците на Израел и Хамас што треба да се одржи во Египет, американскиот претседател Доналд Трамп објави на својата социјална мрежа Трут Соушал (Truth Social) дека Израел се согласил со „почетната линија на повлекување“ од Газа и дека се чека потврда од Хамас.
„По преговорите, Израел се согласи со почетната линија на повлекување што ја споделивме со Хамас. Откако Хамас ќе потврди, прекинот на огнот ќе стапи на сила веднаш, ќе започне размена на заложници и затвореници и ќе создадеме услови за следната фаза на повлекување“,
напиша Трамп.
Тој додаде дека ова би значело приближување кон „крајот на оваа катастрофа стара 3 000 години“.
Според „Тајмс оф Израел“, пoчетната линија на повлекување прикажана на објавената мапа од Трамп, ги опфаќа точките на контрола што ги имаше Израел во Појасот Газа пред да почне големата офанзива врз градот Газа, минатиот месец. Во тоа време, ИДФ држеше околу 70 проценти од Газа, што значи дека ИДФ ќе продолжи да одржува присуство во Јужна Газа, Рафа и Кан Јунис, и големи делови од северниот дел на Појасот заедно со неговата тампон-зона во други делови од територијата.
Оваа информација доаѓа пред состанокот меѓу претставниците на Израел и палестинската терористичка организација Хамас, кој, на покана на Египет, треба да се одржи во таа земја, и каде што ќе се разговара за размена на израелски заложници во Газа за палестински затвореници во Израел.
Пред објавата на Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обрати преку видеопорака во саботата навечер, велејќи дека очекува враќање на сите заложници што ги држи Хамас во Газа во наредните денови. Тој ги отфрли тврдењата на критичарите кои велат дека Хамас бил подготвен да го стори тоа пред една или дури две години без целосно повлекување на ИДФ од Газа.
„Тоа е лага. Она што доведе до промена на ставот на Хамас беше исклучиво воениот и дипломатскиот притисок што го вршевме“,
додаде тој.
Од Белата куќа соопштија дека американскиот претседател Доналд Трамп ги испраќа Џаред Кушнер и Стиф Виткоф во Египет за да започнат преговори за прекин на огнот.
Официјален претставник на Белата куќа изјави дека американскиот претседател ги испраќа своите претставници за да ги финализираат техничките детали за ослободување на заложниците и да разговараат за траен договор за прекин на огнот, еден ден откако Хамас соопшти дека е подготвен да ослободи заложници според планот на Трамп за ставање крај на двегодишната војна.
Вчера, израелското воено радио објави дека операциите во Газа ќе бидат намалени на „минимум“, а трупите ќе извршуваат само „одбранбени“ напади, додека Трамп во објава на Трут соушал рече дека го цени тоа што Израел „привремено го запре бомбардирањето“.
Во истата објава, американскиот претседател предупреди дека „нема да толерира одложување“ од Хамас, повикувајќи ја групата брзо да се движи кон договор „или сите облози ќе бидат поништени“.