„Ова ќе ни овозможи да ја изградиме ‘војската од соништата’ на која долго време имаме право и, што е уште поважно, која ќе нè одржува безбедни и сигурни, без оглед на непријателот“, напиша американскиот претседател на неговата социјална платформа Трут соушл
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека воениот буџет на САД за 2027 година треба да изнесува 1,5 билиони долари, што е значително повеќе од 901 милијарда долари колку што одобри Конгресот за оваа година.

Намерата за зголемување на воените трошоци за следната година Трамп ја соопшти на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social), наведувајќи дека одлуката ја донел по долги и тешки преговори со сенатори, членови на Претставничкиот дом, секретари и други политички претставници.
Според него, зголемувањето на воениот буџет е за доброто на САД, особено во овие, како што додава, многу проблематични и опасни времиња.
„Ова ќе ни овозможи да ја изградиме ‘војската од соништата’ на која долго време имаме право и, што е уште поважно, која ќе нè одржува БЕЗБЕДНИ и СИГУРНИ, без оглед на непријателот“,
напиша Трамп во објавата.
Планот за зголемување на воениот буџет доаѓа само неколку дена откако САД преку воена интервенција го соборија од власт, условно кажано, доскорешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, а Белата куќа соопшти дека Трамп и неговите советници разгледуваат повеќе опции за преземање на островот Гренланд од Данска, за што не се исклучува и можноста од употреба на војска.
Сепак, секое зголемување на воениот буџет треба да добие зелено светло од Конгресот, но републиканците на Трамп, кои имаат тесно мнозинство и во Сенатот и во Претставничкиот дом, досега не се спротивставија на плановите за трошење на претседателот.
Инаку, во претходна објава на Трут соушл, Трамп ги критикуваше американските компании од одбранбената индустрија, обвинувајќи ги дека се премногу бавни во производството на оружје.
Тој се закани дека ќе им забрани на компаниите да исплаќаат дивиденди или да откупуваат акции сè додека не го зголемат производството.

Во однос на зголемувањето на воениот буџет, Трамп наведе дека дополнителните трошоци ќе бидат покриени од приходите од царините што неговата администрација им ги наметна на речиси секоја земја и на многу индустриски сектори, а САД сè уште ќе можат да го намалат својот долг и да се грижат за Американците со „умерени приходи“.
„Поради царините и огромниот приход што го носат, износи што се генерираат, што би било незамисливо во минатото (особено пред само една година за време на поспаната администрација на Џо Бајден, најлошиот претседател во историјата на нашата земја!), ние сме во можност лесно да ја достигнеме бројката од 1,5 билиони долари, а во исто време да произведеме неспоредлива воена сила и да имаме можност да го отплатиме долгот, а исто така, да исплатиме значителна дивиденда на патриотите со умерени приходи во нашата земја“,
вели американскиот претседател.
Од друга страна, експерти и тинк-тенк организации сметаат дека со тековните царински давачки можат да се покријат само половина од трошоците, а некои од нив би можеле да бидат прогласени за нелегални од Врховниот суд на САД.
