Администрацијата на Трамп претходно најави дека размислува за засилена акција против копнените операции на трговците со дрога, како дополнување на воените напади што се спроведуваат врз чамци осомничени за превоз на дрога во Карипското Море
Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави дека многу скоро ќе започнат операции по копно за спречување на наводните венецуелски шверцери со дрога, пренесе ДПА.

Во телефонски разговор со припадници на американските вооружени сили, Трамп истакна дека веќе нема многу венецуелски шверцери на дрога што доаѓаат по морски пат и додаде дека неговата администрација речиси го запрела влегувањето на дрога во САД преку море.
„Околу 85 отсто е запрено по море. Веројатно забележавте дека луѓето не сакаат да доставуваат по морски пат. И ние ќе почнеме да ги спречуваме и по копно. Копното е полесно, но тоа ќе почне многу скоро. Ги предупредуваме, престанете да испраќате отров во нашата земја“,
порача американскиот претседател.
Администрацијата на Трамп претходно најави дека размислува за засилена акција против копнените операции на трговците со дрога, како дополнување на воените напади што се спроведуваат врз чамци осомничени за превоз на дрога во Карипското Море.
Според американските податоци, во изминатите недели американската војска постојано пукала врз чамци на осомничени шверцери со дрога во Карибите, при што загинале повеќе од 80 лица.
Администрацијата на Трамп ги прогласи наркокартелите за терористички организации. Венецуела, пак, го обвинува Вашингтон дека сака да предизвика промена на режимот во земјата.
