Преговорите што доведоа до размената се одржаа минатата недела во Истанбул, со посредство на турската дипломатија

Американскиот претседател Доналд Трамп објави на својата социјална мрежа Трут соушл дека штотуку е завршена голема размена на затвореници меѓу Русија и Украина. Во својата објава, Трамп им честиташе на двете страни за успешните преговори и изрази надеж дека настанот би можел да биде вовед во позначаен напредок кон мирот.
„Големата размена на затвореници меѓу Русија и Украина штотуку е завршена. Наскоро ќе стапи во сила. Честитки до двете страни за овие преговори. Ова може да доведе до нешто големо???“,
напиша тој.

Оваа размена, според официјални извори од Киев и извештаите на меѓународните медиуми, вклучува околу илјада затвореници од двете страни, што е најголемата размена од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.
Преговорите што доведоа до размената се одржаа минатата недела во Истанбул, со посредство на турската дипломатија. Иако Украина побара привремено прекин на огнот за време на разговорите, руската страна одби, согласувајќи се само на размена на затвореници.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека враќањето на украинските граѓани од руско заробеништво е еден од главните приоритети на неговата влада.
Од друга страна, руските претставници сè уште официјално не ги коментираа деталите за размената, но индиректно потврдија дека е постигнат договор.