Високата претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, пак, денеска ја обвини Москва дека нападите врз енергетската инфраструктура во Украина покажуваат дека Русија не успева да победи на бојното поле и ја користи зимата како оружје
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека разговарал со својот руски колега Владимир Путин кој се согласил руските сили да не ги напаѓаат Киев и другите градови во Украина една недела поради студеното време.

Температурата во Киев е под нулата, а следната недела се очекува дополнителен студен бран, кога се најавува дека термометрите во украинската престолнина ќе се спуштат до минус 20 Целзиусови степени.
„Јас лично го замолив претседателот Путин да не пука на Киев и другите градови една недела и тој се согласи. Беше многу убаво. Многумина рекоа: ‘Не трошете го времето на повик, нема да го добиете’. Но, тој го направи тоа“,
изјави Трамп за време на состанокот на неговиот кабинет.
Американскиот претседател рече дека има голем напредок во трилатералните разговори за постигнување мировно решение за Украина, во кои учествуваат двете страни во конфликтот со посредство на Соединетите Американски Држави (САД).
Во меѓувреме, специјалниот претставник на Трамп, Стив Витков, објави дека разговорите ќе продолжат за околу една недела.
Инаку, првата рунда од преговорите се одржа во Абу Даби во петокот и саботата минатата недела.
Виткоф изјави дека прашањата за гаранциите на САД за безбедноста на Украина се во голема мера решени и дека страните продолжуваат да преговараат за териториите.
Имено, главна пречка во преговорите е барањето на Москва украинската армија да се повлече од делот од Донбас што руската војска не успеа да го освои во речиси четиригодишната војна.
Во текот на ноќта три лица беа убиени, а исто толку ранети во руски напад извршен врз областа Запорожје во југоисточна Украина. Според гувернерот на регионот, Иван Федоров, Москва извршила вкупно 841 напад врз 34 населени места во оваа област.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика Каја Калас денеска ја обвини Москва дека нападите врз енергетската инфраструктура во Украина покажуваат дека Русија не успева да победи на бојното поле и ја користи зимата како оружје.
„Русија не вложува ни најмал напор кон мир. Нивниот напад врз патнички воз беше воено злосторство, како и нападите врз цивилната инфраструктура – енергетските постројки, болниците, училиштата и станбените згради“,
рече денеска Калас.
Како што истакна таа, Европската Унија на ваквата ситуација одговорила со досега најголемиот пакет зимска помош за Украина кој, меѓу другото, вклучува и 500 генератори.

Во меѓувреме Кремљ денеска ја повтори својата покана до украинскиот претседател Володимир Зеленски да дојде во Москва на мировни преговори, а во контекст на напорите на САД за постигнување договор за ставање крај на војната.
Од Кремљ соопштија дека досега не добиле одговор од Киев на ваквите покани.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека не знае какви безбедносни гаранции САД ѝ дале на Украина, велејќи дека доколку тие се однесуваат на актуелните украински власти, тогаш тешко дека ќе придонесат за обезбедување траен мир.
„Го слушнав американскиот државен секретар Марко Рубио како вели дека прашањето за безбедносните гаранции е решено. Не знаеме какви гаранции биле договорени, но тие очигледно се гаранции за истиот украински режим што спроведува русофобни политики. И, ако целта е да се продолжи со користење на тој режим како појдовна точка за упатување закани кон Руската Федерација, тогаш ќе сфатите дека таквите безбедносни гаранции тешко можат да обезбедат траен мир“,
изјави рускиот министер за надворешни работи, пренесоа агенциите.
