Тој вели дека неговата главна цел е да се запре убивањето и оти не би бил среќен ако тоа не се случи веднаш

На помалку од два часа до неговото слетување во Енкориџ, американскиот претседател Доналд Трамп, во разговор со новинарите во „Ер форс уан“ вели дека сака „брзо“ да види прекин на огнот меѓу Русија и Украина, пишува „Би-би-си“.
Тој вели дека неговата главна цел е да се запре убивањето и оти не би бил среќен ако тоа не се случи веднаш.
„Не знам дали ќе биде денес, но нема да бидам среќен ако не биде денес“,
вели тој.
Прашан што би сметал за успех на денешниот самит, Трамп рекол дека сака да види прекин на огнот додавајќи оти не сака Европа да го насочува.
„Ова нема никаква врска со Европа. Европа не ми кажува што да правам, но тие ќе бидат вклучени во процесот, очигледно, како и Зеленски. Сакам брзо прекин на огнот“,
рече тој.
Тој вели дека САД не трошат пари за војната во Украина, туку заработуваат пари – добиваат „големи, убави чекови“ од НАТО за снабдување со оружје.
„Знаете, ние не инвестираме никакви пари. Заработуваме пари. Тие го купуваат нашето оружје, а ние го испраќаме до НАТО, а НАТО ни испраќа големи, убави чекови. Но, тоа не ме интересира. Јас сум во ова за да ги спречам убиствата“,
вели тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин треба да се сретнат во воздухопловната база „Елмендорф-Ричардсон“ на околу 10 километри од Енкориџ. Средбата, според најавите на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, би можела да трае најмалку 6-7 часа.
Според него, Москва тргнува од претпоставката дека лидерите прво ќе имаат приватен разговор.
Почетокот на самитот, кој многумина го сметаат за историски, е најавен за 11:30 часот по локално време, односно 21:30 часот по централноевропско време, а како што најави помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, тој ќе биде целосно координиран и ќе започне со тет-а-тет разговор, по што ќе следува проширен состанок со учество на делегации.
Трамп пред два дена, по разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери, вети „многу тешки последици“ за Русија доколку Путин не се согласи на прекин на војната.