Трамп денеска изјави дека верува оти неговиот руски колега Владимир Путин, ќе се согласи на договорот и дека заканата од санкции против Русија веројатно ја натерала Москва да побара средба

Американскиот претседател Доналд Трамп процени дека постои 25 проценти ризик неговиот состанок со рускиот претседател Владимир Путин утре во Алјаска, кога треба да разговараат за војната во Украина, да пропадне.
„Тој состанок ќе го отвори патот за друг, но постои 25 проценти веројатност овој состанок во Алјаска да не биде успешен“,
рече американскиот претседател во интервју за радио „Фокс њуз“.
Трамп денеска изјави дека верува оти неговиот руски колега Владимир Путин, ќе се согласи на договорот и дека заканата од санкции против Русија веројатно ја натерала Москва да побара средба.
„Тој навистина, сега верувам, е убеден дека ќе склучи договор, ќе склучи договор. Мислам дека ќе склучи и наскоро ќе дознаеме“,
рече Трамп во интервјуто.
Американскиот претседател процени дека секој договор за прекин на војната во Украина треба да помине низ трилатерален самит со Владимир Путин и Володимир Зеленски, што би следел по утрешниот состанок со неговиот руски колега во Алјаска.
„Вториот состанок ќе биде многу, многу важен, бидејќи ќе биде состанок на кој ќе се постигне договор. И не сакам да го користам терминот поделете ги работите, но на некој начин не е лош термин. Ќе има давање и земање кога станува збор за граници, територии“,
изјави тој за „Фокс њуз“.
Трамп повтори дека ако утрешниот состанок помине добро, ќе го покани украинскиот претседател Зеленски на вториот состанок, што би можел да се одржи на различни места, вклучително и во Алјаска.
Зборувајќи за прес-конференцијата по средбата со Путин тој рече дека би било убаво двајцата да разговараат со печатот, но ако работите не одат според планот, нема да има заедничка прес-конференција и тој самиот ќе се обрати пред медиумите пред да се врати во Вашингтон.
Претходно денеска Путин рече дека САД вложуваат искрени напори за прекин на војната во Украина и наговести дека Москва и Вашингтон би можеле да постигнат договор за нуклеарно оружје како дел од пошироките напори за градење мир.
Како што објави официјална Москва, утрешната средба ќе се одржи во воената база „Елмендорф-Ричардсон“ во градот Енкориџ на Алјаска на 15 август (петок) во 11:30 часот по локално време, односно во 21:30 часот по средноевропско време.