Трамп вели дека потпретседателот Џеј-Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф се координираат со Русија и Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа имал телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин, а за кој информираше со објава на неговата платформа Трут сошал. Разговорот со Путин следувал по средбата на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери во Белата куќа.
„На крајот од состаноците го повикав претседателот Путин и започнавме со подготовките за состанок, на локација што ќе се одреди, а која ќе биде меѓу Путин и Зеленски. Откако ќе се одржи тој состанок, ќе имаме трилатерална средба, на која ќе со двајцата претседатели ќе бидам и јас. Ова беше многу добар, ран чекор за војна што трае речиси четири години“,
напиша Трамп на Трут сошал.
Тој додаде дека потпретседателот Џеј-Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф се координираат со Русија и Украина.
Инаку, Трамп синоќешната средба во Белата куќа со Зеленски и европските лидери рече дека била многу добра и оти сите се задоволни од можноста за мир меѓу Русија и Украина.
„Имав многу добра средба во Белата куќа со угледни гости, меѓу кои претседателот на Украина Володимир Зеленски, претседателот на Франција Емануел Макрон, претседателот на Финска Александер Стуб, премиерката на Италија Џорџа Мелони, премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер, канцеларот на Германија Фридрих Мерц, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте. Средбата заврши со дополнителни разговори во овалната соба“,
напиша Трамп.
За време на состанокот тој вели дека разговарале за безбедносните гаранции за Украина, а кои би ги обезбедиле различните европски земји, во координација со Соединетите Американски Држави.
„Сите се многу задоволни од можноста за мир“,
додава Трамп.

ФОТО: Фејсбук-страница на Белата куќа (Official White House Photo by Daniel Torok)
Кремљ соопшти дека имало 40-минутен телефонски разговор меѓу Трамп и Путин, а кој бил остварен по средбата на американскиот претседател со Зеленски и европските лидери во Белата куќа.
„Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп разговараа за идејата за „подигнување на нивото на претставници“ на преговорите за Украина во 40-минутен телефонски разговор по средбата на американскиот лидер со украинскиот претседател Володимир Зеленски“,
соопшти Кремљ пренесува Ројтерс.
Според помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, двајцата претседатели изразиле поддршка за продолжување на директните преговори меѓу делегациите на Русија и Украина.
„Се разговараше за идејата да се разгледа можноста за подигнување на нивото на преставници од украинска и руска страна во директните преговори“,
додава Ушаков.
Инаку, на вчерашната средба на Трамп со Зеленски, американскиот претседател уште на почетокот кажа дека е постигнат значителен напредок во неговите напори за ставање крај на конфликтот во Украина на повеќе нивоа, без да сподели поконкренти детали.
Сепак, порача дека верува оти секој договор за мир мора да биде одржлив, додавајќи дека без разлика на исходот од денешните состаноци, американската поддршка за Украина останува.
„Војната ќе заврши кога ќе заврши. Не можам да ви кажам, но војната ќе заврши, а овој господин сака таа да заврши и Владимир Путин сака таа да заврши… Мислам дека целиот свет е уморен од тоа и дека ние ќе го завршиме“,
рече Трамп.
Украинскиот претседател рече дека Киев е подготвен да бара дипломатски пат за завршување на војната. Тој ја нагласи важноста од трилатерален состанок со Москва и Вашингтон и потсети дека Украина секојдневно трпи руски напади, вклучувајќи го и последниот смртоносен напад врз Харков.
Тој додаде дека ја поддржува идејата на претседателот Трамп за трилатерален самит со рускиот претседател Владимир Путин, на кој би се разговарало за завршување на војната.
Средбата меѓу Трамп, Зеленски и европските лидери доаѓа по онаа меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин во воздухопловната база „Елмендорф-Ричардсон“ во близина на Енкориџ на Алјаска што се одржа минатата недела. Трамп на прес-конференција по средбата со неговиот руски колега рече дека е постигнат „голем напредок“, но призна дека не е постигнат договор за прекин на војната.