Зборувајќи за својата улога како медијатор во меѓународните кризи, Трамп рече дека украинскиот конфликт може да биде деветтиот по ред во кој тој помогнал да се реши

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска за време на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон покажа двоумење дали да ѝ обезбеди на Украина ракети „томахавк“.
Тој рече дека една од причините зошто САД сакаат да заврши оваа војна е „тоа што не ни е лесно да ви дадеме огромен број многу моќно оружје“.
„Се надеваме дека нема да им треба. Се надеваме дека ќе можеме да ја завршиме војната без да размислуваме за ‘томахавк’. Искрено, многу повеќе би сакале војната да заврши. Бидејќи, знаете, ние сме тука за војната да заврши. Мислам дека сме доста блиску до тоа“,
вели Трамп.
Американскиот претседател, во одговор на новинарско прашање, исто така нагласи дека мисли оти Путин се обидува да купи време предлагајќи нов самит со САД и дека целта на Русија е да ја одложи одлуката за испорака на оружје на Украина.
„Да, загрижен сум дека можеби се обидува да купи повеќе време. Но, јас поминав низ сето тоа. Излегов од тоа многу добро. Значи, можно е, можеби малку време не е лошо. Но, мислам дека тој сака договор, а јас сум доста добар во овие работи ако сакам да склучам договор“,
рече Трамп.
Зборувајќи за својата улога како медијатор во меѓународните кризи, Трамп рече дека украинскиот конфликт може да биде деветтиот по ред во кој тој помогнал да се реши.
„Ова е мојот деветти случај. Решив осум, вклучувајќи го и Блискиот Исток. Не ја добив Нобеловата награда, но тоа не ми е важно. Важно ми е да се спасат животи“,
нагласи Трамп.
Трамп, исто така, рече дека има многу „лоши односи“ меѓу Зеленски и Путин и додаде дека е полесно да се посредува кога двете страни се сакаат еден со друг, но вели дека Путин и Зеленски не се сакаат, па затоа планира да им даде малку простор на почетокот.
„Овие двајца лидери не се сакаат еден со друг и сакаме да биде удобно за сите. Значи, на еден или друг начин ќе бидеме вклучени во тројки, но можеби ќе бидеме одвоени“,
рече Трамп.
Трамп беше прашан и дали моментумот добиен со прекинот на огнот во Газа може да се искористи за посредување во договор меѓу Русија и Украина, на што американскиот лидер рече дека мисли оти може.
Тој рече дека тоа е напор за кој „никој не мислел дека е можен“.
„Моравме да ја поставиме масата како што треба. Мислам дека масата е поставена и овде. Ќе биде голема чест“,
рече тој.
На новинарско прашање дали мисли дека Украина сè уште има шанса да ја врати окупираната територија од Русија, Трамп одговори дека „никогаш не знаете“ што може да се случи во војна.
Според него, употребата на ракети со долг дострел би била сериозна ескалација. „Тоа е ескалација, но ќе разговараме за тоа“,
рече тој.
По средбата со Зеленски, Трамп на неговата платформа Трут соушал (Truth Social) објави дека средбата со украинскиот претседател била „многу интересна и срдечна“.
Трамп изјави дека му рекол на Зеленски, како што претходно му рекол на Владимир Путин, дека е „време да се запре убивањето и да се постигне договор“.
„Доста со крвопролевањето. Треба да престанат таму каде што се. Нека двете страни прогласат победа и нека одлучи историјата! Крај на пукањето, крај на смртта, крај на огромните и неодржливи трошоци. Ова е војна што никогаш немаше да се случи ако јас бев претседател“,
напиша Трамп.
Тој додаде дека илјадници луѓе се убиваат секоја недела и оти е доста.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на средбата со неговиот американски колега му честиташе за постигнувањето мировен договор за Газа на почетокот од нивниот состанок денеска, велејќи дека тоа би можело да биде „моментум“ за завршување на војната во Украина.