Претседателот на САД, исто така, посочи дека сега е до Володимир Зеленски да „го заврши тоа“ и дека ќе се закаже состанок меѓу украинскиот претседател и Путин, на кој Трамп би можел да присуствува

ФОТО: Фејсбук-страница на Белата куќа (Official White House Photo by Daniel Torok)
Доналд Трамп остави повеќе прашања отколку одговори, тврдејќи дека е постигнат „голем напредок“ на неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин, но призна дека не е постигнат договор за прекин на војната на Русија против Украина, пишува „Гардијан“.
Претседателот на САД, исто така, посочи дека сега е до Володимир Зеленски да „го заврши тоа“ и дека ќе се закаже состанок меѓу украинскиот претседател и Путин, на кој Трамп би можел да присуствува.
„Имавме исклучително продуктивен состанок и беа договорени многу точки. Остануваат само неколку. Некои не се толку значајни. Една е веројатно најзначајната, но имаме многу добри шанси да стигнеме таму“,
рече Трамп на заедничката прес-конференција во Енкориџ, Алјаска.
Тој предупреди:
„Нема договор додека нема договор“.
Двајцата лидери се пофалија еден со друг – Путин го поддржа ставот на Трамп дека војната никогаш немаше да започне ако Трамп ги добиеше изборите во 2020 година – но не понуди детали за речиси тричасовниот состанок и не одговори на прашања од новинарите.
Путин, зборувајќи преку преведувач, ги опиша напорите на Трамп во врска со Украина како „скапоцени“ и посочи дека двајцата лидери постигнале „разбирање“. Тој ја повика Европа „да не фрла клуч во работата“ и „да не користи задкулисни договори“ за да не попречува.
Путин рече дека се согласува дека безбедноста на Украина мора да биде гарантирана – но исто така рече дека „причините за коренот на конфликтот“ мора да се решат. Овие причини претходно ги вклучуваа неговите барања за формално откажување на Украина од членството во НАТО, како и нејзината „денацификација“ – нејасен сет барања што во пракса значат отстранување на Зеленски.
Трамп им рече на новинарите:
„Навистина постигнавме голем напредок денес. Отсекогаш имав фантастичен однос со претседателот Путин – со Владимир“.
На крајот од прес-конференцијата, Путин посочи дека нивниот следен состанок би можел да се одржи во Москва.
На прес-конференцијата ниту Путин ниту Трамп не одговараа на новинарски прашања.
Подоцна Трамп, во интервју за „Фокс њуз“, рече дека топката е во дворот на Украина.
„Сега навистина зависи од претседателот Зеленски да го заврши тоа, а би рекол и од европските нации – тие мора малку да се вклучат. Сега ќе закажат состанок меѓу претседателот Зеленски, претседателот Путин и мене, претпоставувам. Не прашав за тоа. Не дека сакам да бидам таму, но сакам да бидам сигурен дека ќе се заврши и дека имаме прилично добри шанси да го завршиме“,
рече Трамп.
Претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, вчера пристигнаа на аеродромот во Енкориџ, Алјаска по што двајцата, со лимузината на американскиот претседател се упатија кон воздухопловната база „Елмендорф-Ричардсон“ каде се одржа тричасовната средба.
Поврзани вести:
- Трамп и Путин денеска во Енкориџ ќе разговараат за војната во Украина
- Сибиха: Никој не сака мир повеќе од Украинците, но мировните одлуки не можат да се донесат без Украина
- Протести во Алјаска во пресрет на средбата меѓу Трамп и Путин: „Ние стоиме со Украина“
- (ВИДЕО) „Високи влогови!“, напиша Трамп и полета кон Алјаска на средба со Путин
- Трамп пред средбата со Путин: Сакам прекин на огнот во Украина денес
- Зеленски: На денот на разговорите, Русите убиваат
- Средбата Трамп – Путин нема да биде „еден на еден“, туку во проширен состав
- (ВИДЕО) Трамп и Путин се ракуваа на аеродромот во Енкориџ и заминаа на разговори