Тоа е дел од пошироките напори на администрацијата на Трамп да го отповика легалниот статус на повеќе од 1,8 милиони мигранти кои влегле во Соединетите држави според хуманитарните условни програми на администрацијата на Бајден
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира да го отповика привремениот легален статус на 240 000 Украинци кои избегаа во САД пред војната против Русија, изјавиле висок функционер на Трамп и тројца извори запознаени со ова прашање, што значи дека тие би можеле да бидат депортирани по забрзана постапка. Одлуката се очекува во април, а се подготвувала дури и пред Трамп јавно да се судри со украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела, пишува Ројтерс.

Тоа е дел од пошироките напори на администрацијата на Трамп да го отповика легалниот статус на повеќе од 1,8 милиони мигранти кои влегле во Соединетите држави според хуманитарните условни програми на администрацијата на Бајден, велат изворите. Од американското Министерство за домашна безбедност немале коментар, ниту Белата куќа или украинската амбасада.
Администрацијата на Трамп планира да ги прекине овие програми, кои се однесуваат и на 530 000 имигранти од Куба, Хаити, Никарагва и Венецуела, веќе овој месец, изјавил функционер на Трамп и извор запознаен со ова прашање. Мигрантите би можеле да бидат депортирани по забрзана постапка, се вели во е-поштата на американската служба за имиграција и царина, до која дошол Ројтерс.
Имигрантите кои илегално ја минуваат границата можат да бидат депортирани по забрзана постапка во рок од две години од влегувањето во земјата. За оние кои влегле преку легални канали, како на пример во случајот со хуманитарни програми, нема временско ограничување за нивно депортирање по забрзана постапка, се додава во е-поштата на американската служба за имиграција и царина.
Преку овие програми во САД пристигнаа повеќе од 70 000 Авганистанци. Уште еден милион мигранти резервираа термин за влез на легален граничен премин преку апликацијата ЦБП уан (CBP One). Илјадници други беа подобни за помали програми, вклучително и обединување на семејството за некои луѓе од Латинска Америка и Карибите.