На социјалната мрежа Трут соушл, Трамп го оцени разговорот со Путин како добар, но не и таков што веднаш ќе доведе до брзо решение за мир
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека денеска час и 15 минути телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин.

На социјалната мреежа Трут соушл, Трамп го оцени разговорот со Путин како добар, но не и таков што веднаш ќе доведе до брзо решение за мир.
„Разговаравме за украинскиот напад врз руски авиони и за разни други напади што се случуваат на двете страни“,
напиша Трамп.
Американскиот претседател посочува и дека Путин решително му рекол оти Русија ќе мора да одговори на неодамнешниот украински напад на аеродромите.
„Зборувавме и за Иран и дека времето истекува за Иран да донесе одлука за нуклеарно оружје, дека тоа треба да го направи брзо. Му кажав на Путин дека Иран не може да има нуклеарно оружје и верувам дека се договоривме за тоа“,
вели Трамп.
Како што додава, Путин му предложил да учествува во преговорите со Иран и дека може да биде од помош за нивно брзо завршување.
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, потврди дека Путин и Трамп денеска имале телефонски разговор, но не соопшти повеќе детали.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предлага прекин на огнот додека не се одржи средба меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин.
Инаку, втората рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина, што се одржа на 2 јуни во Истанбул, заврши за околу еден час.
На преговорите им претходеше голем украински напад со беспилотни летала врз руските воздухопловни сили и стратешките бомбардери.