Американскиот претседател го обвини Пекинг дека дозволил коронавирусот „да ја напушти Кина и да го зарази светот“
Американскиот претседател Доналд Трамп, во својот говор што го сними вчера во Белата куќа, нагласи дека Генералното собрание на ООН мора да ја повика Кина да одговара за глобалната состојба со коронавирусот. Тој го обвини Пекинг дека дозволил коронавирусот „да ја напушти Кина и да го зарази светот“.
„Кинеската влада и Светската здравствена организација, која е под контрола на Кина – погрешно објавија дека нема докази за пренесување на вирусот од човек на човек, а подоцна погрешно кажаа дека асимптоматските луѓе не ја шират инфекцијата. ОН мора да ја повикаат Кина на одговорност”,
рече Трамп Во своето обраќање во рамки на годинешното Генерачно собрание на ОН.
Прв пат во 75-годишната историја на светската организација, Генералното собрание на ОН заседава виртуелно, а претставниците на земјите членки ги одржуваат своите говори преку видео, наместо во живо, поради пандемијата со ковид-19.
Трамп додаде дека САД започнале најагресивна мобилизација од времето на Втората светска војна.

„Ќе ја дистрибуираме вакцината, ќе го победиме вирусот, ќе ставиме крај на пандемијата и ќе стапиме во нова ера на невиден прогрес, соработка и мир“,
рече американскиот претседател.
Во својот говор, Трамп ги допре и договорите меѓу Израел, ОАЕ и Бахреин склучени со посредништво на САД, го спомна економскиот договор меѓу Србија и Косово, а зборуваше и за притисокот на САД врз НАТО – членките да ги запазуваат ветените таргети за трошоци за одбрана.
-Во говорот пред ГС на ОН Трамп се задржа и на состојбите околу Иран, Авганистан и Северна Кореја.
„За ОН да биде ефективна организација, треба да се фокусира на реалните проблеми во светот. Тоа се тероризмот, нарушувањето на правата на жените, работничката експлоатација, трговијата со дрога, со луѓе и сексуалната трговија, како и казнувањата на верска основа, етничките чистки на малцинствата“,
изјави Трамп.
Покрај Трамп, денеска настапија и рускиот претседател Владимир Путин и нивниот кинескиот колега Си Џинпинг.