Маск, за кого Белата куќа вели дека е специјален државен службеник, е задолжен од Трамп да ги спроведе и надгледува активностите кои имаат за цел да го намалат бројот на вработени во федералните служби
Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Фокс њуз изјави дека очекува Илон Маск да открие измами и злоупотреби на милијарди долари во Пентагон како дел од ревизијата што ќе ја спроведе Одделот за владина ефикаснот што тој ја предводи.

„Наскоро, можеби за 24 часа, ќе му наредам да провери во Министерството за образование, а потоа да ја провериме и војската. Ќе најдеме злоупотреба на милијарди, стотици милиони долари“,
рече Трамп.
Годишниот буџет на Пентагон е речиси трилион долари.
Во декември минатата година, поранешниот претседател Џо Бајден потпиша закон со кој се одобруваат 895 милијарди долари за трошоци за одбраната за фискалната година која завршува на 30 септември годинава.
Инаку, Маск, за кого Белата куќа вели дека е специјален државен службеник, е задолжен од Трамп да ги спроведе и надгледува активностите кои имаат за цел да го намалат бројот на вработени во федералните служби.
Како дел од оваа иницијатива, соработниците на Маск побараа пристап до доверливи информации во компјутерските системи на различни владини агенции.
Според критичарите, ваквиот процес е незаконски и се ризикува откривање доверливи информации без одобрение на Конгресот.
Советникот за национална безбедност Мајк Волц предложи во посебно интервју во неделата дека процесите на бродоградба на Пентагон треба да бидат област од посебен интерес за Одделот за владина ефикасност.
„Треба да се направат многу истражувања во бродоградбата, тоа е апсолутен хаос“, рече Волц во интервју за „Meet the Press“ на NBC.
