Иранската државна телевизија го потврди прекинот на огнот велејќи дека нивниот непријател бил принуден да се согласи со него, додека речиси во исто време израелската војска извести за нов ракетен напад од Иран. Израелската војска соопшти дека неколку ракети биле испукани од Иран кон Израел во раните утрински часови денеска
Израелските служби за итни случаи информираа за три смртни случаи денеска во ирански ракетен напад врз јужен Израел, неколку минути пред очекуваниот почеток на прекин на огнот меѓу двете земји.

„Откако ракета го погоди јужен Израел, во оваа фаза, тимовите на МДА прогласија три лица загинати“,
напиша на Твитер, Маген Давид Адом, израелски еквивалент на Црвениот крст, додавајќи дека осум лица се повредени.
Сведоци слушнале експлозии во близина на Тел Авив и Бершеба во централен Израел. Израелските медиуми објавија дека една зграда била погодена и дека три лица биле убиени во ракетен напад врз Бершеба.
Иранската државна телевизија го потврди прекинот на огнот, велејќи дека нивниот непријател бил принуден да се согласи со него, додека речиси во исто време израелската војска извести за нов ракетен напад од Иран. Израелската војска соопшти дека неколку ракети биле испукани од Иран кон Израел во раните утрински часови денеска.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор за прекин на огнот меѓу Иран и Израел, кој не е формално потврден од завојуваните страни.
„Под претпоставка дека сè ќе функционира како што треба, што и ќе биде, би сакал да им честитам на двете земји, Израел и Иран, за нивната издржливост, храброст и интелигенција во завршувањето на она што треба да се нарече дванаесетдневна војна“,
напиша Трамп на Трут сошл.
Според условите наведени во соопштението на Трамп, Иран прво треба да го почитува прекинот на огнот, а потоа и Израел, а доколку двете страни ги почитуваат условите, војната би можела да биде запрена по 24 часа.
Израел, на кого му се придружија и САД за време на викендот, изведе напади врз нуклеарните постројки на Иран откако тврдеше дека Техеран се приближува до нуклеарно оружје.
Додека еден ирански функционер претходно потврди дека Техеран се согласил на прекин на огнот, министерот за надворешни работи на земјата рече дека нема да има крај на непријателствата сè додека Израел не ги запре нападите.