Ќе чекав. Тие можеа да кажат, ајде да чекаме 15 минути, 20 минути, 5 минути, нешто. Никој не рече. Мислам дека тоа беше грешка. Како некој се качи на тој покрив? И зошто не беше пријавен, вели Трамп
Никој не го предупредил за проблем непосредно пред митингот во Пенсилванија, вели поранешниот претседател на САД и актуелен претседателски кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп. Во интервју за „Фокс њуз“ Трамп посочи дека немал никакви сознанија пред да излезе на говорницата, каде се случи обидот за негов атентат.
„Никој не спомна, никој не рече дека има проблем. Ќе чекав. Тие можеа да кажат, ајде да чекаме 15 минути, 20 минути, 5 минути, нешто. Никој не рече. Мислам дека тоа беше грешка. Како некој се качи на тој покрив? И зошто не беше пријавен?“,
вели Трам во интервјуто.

„Вашингтон пост“ претходно објави дека највисоките функционери на американската тајна служба постојано ги одбивале барањата од обезбедувањето на Трамп за повеќе луѓе и опрема околу настаните поврзани со кампањата, пред обидот за атентат на 13 јули. Агенцијата која е одговорна за заштитата на Трамп ги одби овие барања, велејќи дека на моменти недостасуваат ресурси, се наведува во написот, повикувајќи се на изјави од анонимни извори запознаени со ова прашање.
Портпаролот на тајната служба Ентони Гуглиелми претходно ги отфрли обвинувањата дека агенцијата ги одбила барањата за повеќе безбедносни ресурси од тимот на Трамп.
Во изјавата за „Ројтерс“ Гуглиелми посочи дека биле преземени сите мерки за заштита.
„Во некои случаи кога не беа обезбедени специфични единици или ресурси на Тајната служба, агенцијата направи модификации за да ја осигура безбедноста. Ова вклучува искористување на државни или локални партнери за да се обезбедат алтернативи со кои ќе се намали јавната изложеност на штитеникот“,
посочува Гуглиелми.
На митингот во Пенсилванија минатиот викенд, Трамп заврши со повреда на увото, откако 20-годишниот Томас Метју Крукс пукаше кон него, качен од покрив на објект во близина. Нападот на Трамп отвори низа сомнежи за можни проспусти во постапувањето на обезбедувањето, луѓето од кампањата и безбедносните служби.