„Постои голема разлика помеѓу сега и пред една недела. Никој не знае што ќе направам“, рече Трамп одговарајќи на новинарски прашања пред Белата куќа
Можеби ќе го сторам тоа, а можеби и не. Ова го кажа американскиот претседател Доналд Трамп на брифинг со новинарите пред Белата куќа, одбивајќи да одговори директно на прашањата дали Соединетите Американски Држави планираат да се приклучат на израелската офанзива и да го нападнат Иран или нуклеарните постројки на земјата.

Американскиот претседател, исто така, изјави дека Иран понудил преговори, односно нејзини претставници да дојдат во Белата куќа, без да открие повеќе детали. Тој го опиша Иран како потполно беспомошна земја, без никаква противвоздушна одбрана.
„Постои голема разлика помеѓу сега и пред една недела. Никој не знае што ќе направам“,
рече Трамп, пренесоа светските агенции.
Во меѓувреме, секретарот за одбрана на САД, Пит Хегсет, изјави дека дека американската војска е подготвена да ја спроведе секоја одлука што ќе ја донесе претседателот Трамп во врска со состојбата на Блискиот Исток.
Сепак, и тој, како и Трамп, одби да потврди дали се подготвува план за напад на Иран од страна на САД.
„Доколку и кога ќе се донесат такви одлуки, Министерството за одбрана е подготвено да ги спроведе“,
изјави Хегсет пред Комитетот за вооружени сили на Сенатот.
Лидерот на демократите во американскиот Сенат, Чак Шумер, денеска изјави дека побарал од администрацијата на Трамп на сите 10 сенатори да им обезбеди доверлив брифинг за ситуацијата меѓу Израел и Иран, кои веќе шести ден се во отворен конфликт и разменуваат ракетни напади.
„Добивме брифинзи и побарав да добиеме доверлив брифинг за сите сенатори“,
рече Шумер, додавајќи оти верува дека тој ќе биде одобрен.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во соопштение прочитано на иранската телевизија рече дека неговата земја нема да го прифати повикот на американскиот претседател Доналд Трамп за безусловна капитулација.
Тој истакна дека секоја американска воена интервенција несомнено ќе предизвика непоправлива штета.
„Американците треба да знаат дека секоја американска воена интервенција несомнено ќе биде придружена со непоправлива штета“,
вели иранскиот врховен лидер.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера издаде серија јавни предупредувања до Иран, нарекувајќи го врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, лесна цел и нагласувајќи дека американското трпение е при крај.
Тој на сопствената мрежа Трут соушл (Truth social) објави дека знае каде се крие иранскиот врховен лидер, но оти засега не е планиран напад врз него.
Кратко потоа, тој објави само една реченица, напишана со големи букви: „БЕЗУСЛОВНО ПРЕДАВАЊЕ“.