Изјавата на американскиот претседател уследи по серијата неодамнешни упади на руски борбени авиони и беспилотни летала во воздушниот простор на членките на Алијансата, вклучувајќи ги Полска и Естонија
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека членките на НАТО треба да соборат руски авиони доколку тие навлезат во воздушниот простор на Алијансата.

На почетокот на состанокот со својот украински колега Володимир Зеленски на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, Трамп одговори потврдно кога беше прашан дали би поддржал соборување руски авиони доколку се најдат во воздушниот простор на НАТО.
Додаде дека потенцијалното учество на САД во таква акција ќе зависи од околностите.
Изјавата на американскиот претседател уследи по серијата неодамнешни упади на руски борбени авиони и беспилотни летала во воздушниот простор на членките на Алијансата, вклучувајќи ги Полска и Естонија.
Претходно денеска, во обраќањето пред Генералното собрание на ОН, Трамп ги повика европските сојузници веднаш да престанат да купуваат нафта од Русија и ги обвини Кина и Индија за финансирање на војната на Москва против Украина со купување руски енергенси.
„Во случај Русија да не е подготвена да постигне договор за прекин на војната, тогаш САД се целосно подготвени да воведат моќни царини кои, верувам, многу брзо би го запреле крвопролевањето. Но, за овие царини да бидат ефикасни, европските земји ќе мора да ни се придружат во усвојувањето на овие мерки… Европа мора да направи повеќе“,
рече американскиот претседател во обраќањето пред Генералното собрание на ОН.
По средбата со Зеленски, пак, Трамп рече дека верува оти Украина може да ја врати целата своја територија, дури и потенцијално да ја нападне Русија, нарекувајќи ја „хартиен тигар“.