„Кога бевме посериозна нација, во минатото, не се двоумевме да ги затвориме најопасните криминалци и да ги држиме подалеку од оние на кои би можеле да им наштетат. Така би требало да биде. Повеќе нема да ги толерираме овие сериски престапници кои шират нечистотија, крвопролевање и хаос на нашите улици“, напиша американскиот претседател на социјалната мрежа Трут соушл
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека на неколку федерални агенции ќе им наложи повторно да го обноват и отворат поранешниот озлогласен затвор „Алкатраз“, кој се наоѓа на остров во Калифорнија во близина на Сан Франциско, а е затворен повеќе од 60 години.

„Обновете го и отворете го ‘Алкатраз‘. Америка предолго е измачена од злобни и насилни престапници што ги повторуваат криминалните дела, отпадници на општеството, кои никогаш нема да придонесат ништо друго освен мизерија и страдање“,
напиша тој на својата социјална мрежа Трут соушл.
Затоа тој додаде дека му наложува на Бирото за затвори, заедно со Министерството за правда, Федералното истражно биро (ФБИ) и домашната безбедност, повторно да го отворат „Алкатраз“, со цел таму да бидат сместени најнемилосрдните и насилните престапници во Америка.
„Кога бевме посериозна нација, во минатото, не се двоумевме да ги затвориме најопасните криминалци и да ги држиме подалеку од оние на кои би можеле да им наштетат. Така би требало да биде. Повеќе нема да ги толерираме овие сериски престапници кои шират нечистотија, крвопролевање и хаос на нашите улици“,
вели тој.
Трамп рече дека иако „Алкатраз“ претставува тажен симбол, тој сепак е симбол на законот и редот.
„Алкатраз“ е лоциран на остров во близина на брегот на Сан Франциско. Функционирал како федерален казнено-поправен дом речиси 30 години пред да биде затворен во 1963 година.
Престанал да работи бидејќи институцијата била прескапа за одржување, особено поради неговата островска локација. Проценките биле дека неговото работење било речиси трипати поскапо од кој било друг федерален затвор во САД.
Сега е една од најпопуларните туристички дестинации во Сан Франциско.
„Алкатраз“ е прогласен и за Национален парк од историско значење во 1986 година.
Овој затвор е познат и по тоа што од него е практично невозможно да се побегне поради силните океански струи и студените води на океанот што го опкружуваат.
Но, познат е и по тоа што таму биле сместени некои од најозлогласените криминалци во историјата на САД, како Ал Капоне.