„Многу е едноставно, ако тие ни наплатат и ние ќе им наплатиме“, рече Трамп за реципрочниот тарифен план
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека денеска ќе објави одлука за воведување нови царини од 25 отсто на целиот увоз на челик и алуминиум во САД, што ќе влијае на сите, вклучително и на најголемите трговски партнери Канада и Мексико, јавуваат светските агенции.

Најавата на Трамп, како што оценува „Гардијан“, е уште една голема ескалација на неговата трговска политика, што почна да ја спроведува кратко по неговата инаугурација и враќањето во Белата куќа.
Таа доаѓа откако стапија во сила тарифите што ги воведе Кина минатата недела, како одговор претходно воведените царини од страна на администрацијата на Трамп. Тарифите на Пекинг се насочени кон производи во вредност од 14 милијарди долари со царина од 15 отсто за јаглен и течен природен гас, како и 10 отсто за сурова нафта, земјоделска опрема и одредени типови возила.
Најавата за новите царини, американскиот претседател ја соопшти вчера говорејќи пред новинарите во претседателскиот авион (Air Force One) велејќи дека ќе објави реципрочни тарифи кон сите земји што ги царинат стоките увезени од САД. Овие нови тарифи кон трговските партнери, според него ќе бидат објавени во вторник или среда и треба, како што рече, да стапат во сила веднаш.
„Многу е едноставно, ако тие ни наплатат и ние ќе им наплаќаме“,
рече Трамп за реципрочниот тарифен план.
На најавите на американскиот претседател во однос на тарифите за челик и алуминиуми веднаш реагира премиерот на канадската провинција Онтарио, Даг Форд кој го обвини Трамп за „поместување на столбовите и постојан хаос“, што може да ја доведе економијата во ризик.
Инаку, како што наведуваат медиумите, тарифите што треба да бидат воведени денеска ќе се надоврзат на постојните давачки за увоз на метали.
Според податоците на владата и на Американскиот институт за железо и челик, САД најмногу челик увезуваат од Канада, Бразил и Мексико, а по нив следуваат Јужна Кореја и Виетнам.
Дополнително, Канада е најголемиот снабдувач на САД со примарен алуминиум, со 79 отсто од вкупниот увоз во првите 11 месеци од 2024 година.
Мексико, пак, е главен снабдувач на САД со отпад од алуминиум и легура на алуминиум.
За време на неговиот прв мандат (2016-2020), Трамп воведе царини од 25 отсто за челик и 10 отсто за алуминиум, но подоцна им додели на неколку трговски партнери, меѓу кои беа Канада, Мексико и Бразил, бесцарински квоти.
Претходникот на Трамп во Белата куќа, Џо Бајден ги прошири овие квоти на Велика Британија, Јапонија и Европската Унија, поради што искористеноста на капацитетите на американските фабрики за челик беше намалена во последниве години.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, рече дека новите царини ќе се надоврзат на постојните давачки за челик и алуминиум.
Воведувањето тарифи од страна на Трамп е широко критикувано и предизвика нестабилни реакции на пазарот и страв од евентуално нови давачки.
Тарифите наметнати од Трамп се далеку под нивото што тој најавуваше и се закануваше дека го воведе за време на изборната кампања и според аналитичарите Кина е подготвена за нив.
Активностите на Пекинг што во меѓувреме ги презеде како контраодговор вклучуваат истраги за неколку американски компании, вклучително и „Гугл“, а според аналитичарите станува збор за одмерени мерки кои оставаат простор за преговори.
