Претходно, американскиот претседател рече и оти САД и Европската Унија се блиску до договор за царини од 15 отсто
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се во финална фаза на постигнување трговски договор со Кина, но истовремено предупреди дека ќе воведе директни царини за повеќе други земји. Говорејќи на настан за вештачката интелигенција во Вашингтон, Трамп потврди дека САД водат интензивни преговори со Европската Унија и најави дека американската администрација е подготвена да ги намали царините – доколку европскиот пазар се отвори за американските компании.
Според информациите, Брисел е подготвен да прифати таканаречени „реципрочни давачки“ за да ја избегне заканата на Трамп за зголемување на царините на 30 отсто од први август. Потенцијалниот договор предвидува минимална унифицирана тарифа од 15 отсто – со што би се вклучиле и постојните давачки, кои во просек изнесуваат 4,8 отсто. Двете страни преговараат за укинување на царините за определени производи, вклучувајќи авиони, алкохолни пијалаци и медицински помагала. Според изворите, царините за автомобили – кои моментално изнесуваат 27,5 отсто – би паднале на 15 отсто.
Веста за можниот договор позитивно се одрази на финансиските пазари – еврото ги надомести загубите и тргуваше стабилно во однос на доларот, додека американските акции бележеа раст. САД од април наплаќаат дополнителна царина од 10 отсто за европскиот извоз, како дел од пошироките преговори со ЕУ.