На состанок со членовите на неговиот кабинет во Белата куќа, Трамп порача дека станува збор за мерка која ќе значи „многу силна превенција“
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе бара смртна казна за секое убиство во Вашингтон, главниот град на Соединетите Американски Држави. На состанок со членовите на неговиот кабинет во Белата куќа, Трамп порача дека станува збор за мерка која ќе значи „многу силна превенција“.
„Ако некој убие некого во главниот град, Вашингтон, ќе бараме смртна казна. А тоа е силно средство за одвраќање“,
рече Трамп.

Засега не е јасно како точно ќе се спроведе оваа мерка, но според најавите, администрацијата на Трамп ќе може да бара смртна казна за убиства на федерално ниво, а не и во локални случаи.

Најавите на Трамп за смртна казна следуваат откако пред две недели, тој ја распореди Националната гарда во Вашингтон, за како што рече, да помогне во повторно воспоставување на законот, редот и јавната безбедност во главниот град.
„Нашиот главен град е преземен од насилни банди, крволочни криминалци и бездомници и нема да дозволиме да продолжи тоа. Ќе си го вратиме главниот град“,
рече Трамп.
Припадниците на Националната гарда патролираат во областите околу Белата куќа и делот полн со туристи помеѓу Конгресот и Споменикот на Линколн, како и во железничките и метро-станиците. Гардистите, како што пренесе Си-ен-ен носат оружје и дозволено им е да користат сила само како последно средство и исклучиво како одговор на непосредна закана по животот.