Објавата на Трамп доаѓа откако медиумите вчера и денеска излегоа со извештаи за остар пад на светските берзи поради загриженоста на инвеститорите од трговските политики на американскиот претседател и можноста тие да предизвикаат рецесија во САД. Меѓу компаниите чии акции доживеаја најголем пад е и „Тесла“, која вчера го имаше најлошиот ден од септември 2020 година бележејќи пад од 15 проценти
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска преку објава на социјалните мрежи одлучно застана во одбрана на својот сојузник и раководител на одделот за владина ефикасност, технолошкиот магнат Илон Маск, обвинувајќи ги, како што ги нарече, „левите лудаци“, дека се обидуваат да ја бојкотираат неговата компанија за електрични возила „Тесла“.

Во објавата на својата платформа Трут соушл (Truth Social), Трамп напиша дека Маск прави фантастична работа и најави дека утре наутро ќе купи сосема нов автомобил „тесла“ како знак за доверба и поддршка на неговиот сојузник.
„До републиканците, конзервативците и сите големи Американци, кои Илон Маск ‘ги става на линија’ за да ѝ помогне на нашата нација, и со тоа прави ФАНТАСТИЧНА РАБОТА! Но, радикалните леви лудаци, како што често прават, се обидуваат незаконски и во дослух да ја бојкотираат ‘Тесла’, еден од најголемите светски производители на автомобили, и ‘бебето’ на Илон, со цел да го нападнат и да му наштетат на Илон, и на сè за што тој се залага. Се обидоа да ми го направат тоа и мене на гласачки кутии во 2024 година, но како излезе сето тоа? Во секој случај, утре наутро ќе купам сосема нова ‘тесла’ како знак на доверба и поддршка за Илон Маск, навистина голем Американец. Зошто треба да биде казнет затоа што ги вложил своите огромни вештини за да помогне АМЕРИКА ПОВТОРНО ДА БИДЕ ГОЛЕМА???“,
напиша Трамп на платформата.

Објавата на Трамп доаѓа откако медиумите вчера и денеска излегоа со извештаи за остар пад на светските берзи поради загриженоста на инвеститорите од трговските политики на американскиот претседател и можноста тие да предизвикаат рецесија во САД.
Меѓу компаниите чии акции доживеаја најголем пад на берзите е и „Тесла“, која, како што пренесоа „Гардијан“ и Ројтерс, вчера го имала најлошиот ден од септември 2020 година бележејќи пад од 15 проценти.
Неодамна, повикувајќи се на податоци од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), „Гардијан“ објави дека продажбата на нови возила на „Тесла“ во Европа во јануари била речиси преполовена, споредено со истиот период лани.
Производителот на автомобили со седиште во Тексас, во јануари годинава продал 9 945 возила во Европа, што е за 45 проценти помалку минатогодишните 18 161, со што уделот на „Тесла“ на пазарот бележи пад од 1,8 на 1 отсто, покажуваат податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Ова, како што наведе британскиот весник, би можело да сугерира дека интервенциите на Маск во европската политика и високата улога во администрацијата на Доналд Трамп за дефинансирање и депопулација на американската влада, што вклучува и затворање на нејзината програма за помош во странство, доведуваат до реакција кај потрошувачите.