Тој не прецизира колку ракети ќе бидат испратени во Украина, но посочи дека Европската Унија ќе ги надомести трошоците за ракетите
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе испратат ракетни системи за воздушна одбрана „Патриот“ во Украина, со цел да помогнат во одговорот на руските напади.

„Ќе им ги испратиме ракетните системи ‘Патриот‘ што им се очајно потребни“,
рече Трамп откако Вашингтон пред две недели објави дека суспендира одредени испораки на оружје за Киев.
Не прецизира колку ракети ќе бидат испратени во Украина, но посочи дека Европската Унија ќе ги надоместува трошоците за нив.
„Сè уште не сум одлучил колку, но ќе ги добијат ракетите бидејќи им е потребна заштита“,
кажа тој.
Упати критики кон рускиот претседател Владимир Путин и додаде дека е разочаран од него.
„Путин навистина изненади многу луѓе. Зборува убаво, а потоа бомбардира ноќе. Навистина не ми се допаѓа тоа“,
изјави тој при посета во американска воена база надвор од Вашингтон.
Според него, испораката на оружје ќе биде дел од договор во кој е вклучен НАТО и кој ќе им плати на САД за оружјето што ќе го испратат во Украина.
„Всушност, ќе им испратиме разни парчиња софистицирана воена опрема, а тие ќе ни платат 100 отсто за тоа“,
рече Трамп.
Вашингтон на 2 јули објави дека ги запира испораките на оружје за Киев. Но, Трамп на 10 јули изјави дека САД ќе испратат дополнително оружје во Украина преку земјите на НАТО или други европски сојузници.
Инаку, специјалниот пратеник на Трамп за Украина, Кит Келог, треба денеска да ја посети Украина.
Досега САД ѝ испорачаа три ракетни батерии „Патриот“ на Украина, сите за време на администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден.
Украина доби четири ракети „Патриот“, од кои три се од Германија и една е од група европски земји.
„Патриот“ е еден од најнапредните системи за воздушна одбрана во светот, што може да пресретнува балистички и крстосувачки ракети.