Трамп додава дека датумот за состанокот „не е одреден“, но дека тоа ќе се случи во „не толку далечна иднина“

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува да се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин во Саудиска Арабија, откако претходно во телефонски разговор се договориле веднаш да започнат преговори за ставање крај на војната во Украина.
„На крајот очекуваме да се сретнеме. Всушност, очекуваме дека тој ќе дојде овде, а јас ќе одам таму, и ќе се сретнеме веројатно во Саудиска Арабија по првпат, ќе се сретнеме во Саудиска Арабија, да видиме дали можеме да направиме нешто“,
вели Трамп, пренесува „Политико“.
Трамп додава дека датумот за состанокот „не е одреден“, но дека тоа ќе се случи во „не толку далечна иднина“.
Тој посочи дека на состанокот ќе учествува саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
„Го познаваме принцот престолонаследник и мислам дека тоа би било многу добро место за средба“,
додава Трамп.
Според пишувањето на „Политико“, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рекол дека Путин ги поканил Трамп и официјалните лица од неговата администрација да ја посетат Москва за да разговараат за Украина.
„Рускиот претседател го покани американскиот претседател да ја посети Москва и изрази подготвеност да ги прими американските претставници во Русија во областите од заемен интерес, вклучувајќи ја, се разбира, темата за решение за Украина“,
рече Песков.
Вчера американскиот претседател имал прво телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, во кој, меѓу другото, се согласиле „веднаш“ да започнат со мировни преговори за Украина. Потоа Трамп разговарал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според него, и Зеленски, како и Путин, е за постигнување мир во Украина.
Трамп потврди дека натамошните разговори со украинските лидери ќе се одржат за време на Минхенската безбедносна конференција в петок, кои од американска страна ќе ги водат потпретседателот Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио.