Реакција пристигна и од мексиканското Министерство за надворешни работи од каде што рекоа дека тоа е неправеден третман и оти не се согласуваат со одлуката на американскиот претседател
Американскиот претседател Доналд Трамп ја засили трговската реторика со закана за воведување царини од триесет отсто од Европската Унија и Мексико почнувајќи од први август. Во две објавени писма на платформата „Трут соушал“, тој напиша дека целата трговија мора да биде поизбалансирана и поправедна и оти секој обид за контрамерки ќе бидат пресретнати со уште повисоки давачки, вклучувајќи дополнителни 30 отсто на веќе најавените тарифи.
Во писмото за Мексико, пак, новите давачки според Трамп се темелат врз основа на недоволната акција на мексиканските власти против увозот на фентанил во САД, како и недоволната безбедност на границата.
„САД се согласија да продолжат да работат со Европската Унија, и покрај тоа што имаме еден од најголемите трговски дефицити со вас. Но, сега бараме фер трговија“,
напиша Трамп.
По објавата, реакција пристигна од Брисел. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди дека новите царини би нанеле штетни последици и оти Европската Унија ќе ги преземе сите неопходни чекори за заштита на своите интереси, вклучително и пропорционални контрамерки.
„Царините од 30 отсто ќе ги нарушат суштинските трансатлантски синџири на снабдување, на штета на бизнисите, потрошувачите и пациентите од двете страни на Атлантикот“,
напиша Фон дер Лајен.
Реакција пристигна и од европските лидери. Претседателот на Франција, Емануел Макрон, рече оти Европа мора да покаже единство и побара од Европската комисија забрзано да подготви одговор. Тој побара интензивирање на преговорите, но рече и дека секој договор мора да биде заснован врз меѓусебна почит и заеднички вредности.
„Со европско единство, повеќе од кога било, Комисијата мора да ја потврди решеноста на Унијата да ги брани европските интереси. Подготвени сме за сите инструменти, вклучувајќи ги и мерките против принуда“,
кажа Макрон.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони која важи за блиска до претседателот Трамп рече дека постои простор за фер договор и ја поддржа Комисијата за напорите, додека пак холандскиот премиер Дик Схоф изјави дека ова не е вистинскиот пат и оти Европската комисија може да смета на нивната поддршка бидејќи Европа мора да остане единствена.
Покрај европските земји, на ваквите најави реагираше и Мексико – Министерството за надворешни работи и министерството за економија во заедничка изјава соопштија дека преговорите за заштита на претпријатијата и работните места продолжуваат и оти новите царини значат неправеден третман за земјата.