Трамп во објавата не даде конкретен период кога или како би можела да се воведе царината

САД ќе воведат 100 отсто царина за сите филмови направени надвор од земјата, објави денеска американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа Трут Соушал (Truth Social).
Трамп во објавата не даде конкретен период кога или како би можела да се воведе царината.
Доколку Трамп ја спроведе својата закана, тоа ќе биде првпат тој да воведе царина на услуга, а не на стока.
„Нашиот бизнис за снимање филмови е украден од други земји, исто како што се крадат слатки од децата. Калифорнија, со својот слаб и некомпетентен гувернер, е особено силно погодена. Затоа, за да го решам овој долгогодишен и бесконечен проблем, ќе воведам 100 отсто царина за сите филмови направени надвор од САД“,
објави Трамп.
Претседателот првично во мај годинава се закани со 100 проценти царина на филмови продуцирани во странство тврдејќи дека другите земји нудат даночни олеснувања што ги привлекле филмските работници во странство.
Во меѓувреме, Калифорнија предложи и спроведе многу даночни олеснувања, како и други американски градови.
Холивуд, како што пишува Си-ен-ен, беше целосно изненаден кога Трамп првпат ја претстави царината во мај.
„На прв поглед, тоа е шокантно и би претставувало практично целосно запирање на производството. Но, всушност, тој нема надлежност да го стори ова и е премногу сложено за да се спроведе“,
рекол извор што работи во филмската индустрија во изјава за Си-ен-ен во тоа време.
„Но, факт е дека за холивудските студија е поевтино да платат за сите да се качат во авиони, да платат за хотели, бидејќи цената на работната сила, недостатокот на попусти и можноста да се прават работи во странство е бесконечно поевтина“,
изјави за Си-ен-ен во мај Џеј Сурс, потпретседател на „Јунајтед талент ејџенси“ (United Talent Agency).
Освен за филмовите, како што пишува Си-ен-ен, Трамп подготвува и низа други царини.
Од среда администрацијата треба да воведе царина од 100 отсто за лекови со брендирани производи, со некои исклучоци, царина од 25 отсто за тешки камиони, царина од 50 проценти за кујнски елементи и тоалети, како и царина од 30 проценти за тапациран мебел.
Во посебна објава на социјалните мрежи, Трамп рече дека планира да воведе значителна царина за целиот мебел увезен во САД.