„Го разгледуваме тоа, бидејќи на Унгарија ѝ е многу тешко да добие нафта и гас од други места. Тоа е голема земја, но тие немаат море, немаат пристаништа и затоа имаат тежок проблем“, рече Трамп одговорајќи на прашање дали може да ја ослободи Унгарија од секундарните санкции
Американскиот претседател Доналд Трамп сугерира оти би можел да направи исклучок со Унгарија во однос на санкциите што Вашингтон ги воведе на увозот на руска нафта, додека го фалеше неговиот гостин Виктор Орбан за време на нивната средба во Белата куќа денеска, пренесе „Гардијан“.

Трамп ги повика европските лидери да покажат поголема почит кон унгарскиот премиер, кој, како што потсетува британскиот весник е во постојан судир до неговите колеги, шефови на влади на земјите членки на Европската Унија околу прашањата за имиграцијата, демократијата и владеењето на правото.
„Мислам дека треба да ја почитуваат Унгарија и да го почитуваат лидер многу, многу силно затоа што тој беше во право за имиграцијата“,
рече Трамп седејќи до Орбан во Белата куќа.
Орбан, чии критичари во ЕУ сметаат дека е многу близок до Путин и го нарекуваат „тројански коњ“ во Унијата , од своја страна, кажа оти сака да ги возобнови плановите за средба меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, која според негово убедување би можела да донесе крај на војната во Украина.
Инаку, средбата меѓу Трамп и Путин се смета за лакмус тест за новите санкции на Белата куќа против најголемите руски нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“ кои продолжуваат да извезуваат енергенси во Унгарија и Словачка и покрај санкциите.
Будимпешта уште претходно го соопшти својот став дека сака да биде ослободена од санкциите бидејќи според нејзините тврдења нема друг одржлив извор за набавка на нафта и гас.
„Го разгледуваме тоа, бидејќи на Унгарија ѝ е многу тешко да добие нафта и гас од други места. Тоа е голема земја, но тие немаат море, немаат пристаништа и затоа имаат тежок проблем“,
рече Трамп одговорајќи на прашање дали може да ја ослободи Унгарија од секундарните санкции.
Според Трамп другите земји во Европа го немаат тој проблем и купуваат, како што кажа, многу нафта и гас од Русија.
„И како што знаат, многу сум вознемирен поради тоа“,
додаде тој.
Според извештаите на дел од медиумите, Орбан наводно требало да му понуди на Трамп
Според Блумберг, Орбан наводно има намера да му понуди на Трамп договор за купување американски течен природен гас и нуклеарно гориво како поттик за ослободување на Унгарија од секундарните санкции.
Повикувајќи се на свои извори во Унгарија, „Гардијан“ пишува дека Орбан бара Трамп да ја посети Унгарија за да зацврсти својата позиција пред престојните избори во земјата, на кои, според наводите, се соочува со силна конкуренција.
Во своите воведни зборови на средбата во Белата куќа, тој го пофали Трамп, истовремено критикувајќи ја претходната администрација на претседателот Џо Бајден, која ја нарече „наместена“.
„Причината зошто сме тука е за да отвориме ново поглавје во билатералните односи меѓу САД и Унгарија, во основа и затоа што за време на администрацијата на демократите сè беше наместено“,
рече тој, алудирајќи на тврдењата на Трамп дека победата на изборите во 2020 година му била украдена од демократите.
Обраќајќи се кон Трамп, унгарскиот премиер рече дека новата администрација во Белата куќа успеала да ги подобри билатералните односи и да го порави она што, според него, било водено на лош начин од страна на Бајден.
„Сега сме во доста добра позиција да се отвори ново поглавје. Да речеме златно време помеѓу САД и Унгарија“,
рече Орабан.

Трамп, кој започна да спроведува контроверзни мерки во врска со имиграцијата во САД, ги повтори своите ставови дека постои врска меѓу мигрантите и криминалот.
„Погледнете што се случи имиграцијата во Европа. Луѓето ја преплавуваат Европа. Ако одите во некои земји, тие сега се непрепознатливи поради она што го направија. А Унгарија е многу препознатлива“,
рече тој.
Орбан говорејќи на истата тема, ги бранеше своите политики за имиграцијата, критикувајќи во тој контекст финансиските казни што Европската УНија ѝ ги наметна на Унгарија поради нејзиното однесување.
„Ова е апсурден свет во кој живееме сега во Европа. Ние сме единствената влада во Европа која себеси се смета за христијанска. Сите други влади во Европа се во основа либерални левичарски влади“,
рече Орбан.
