Седумдесет и седумгодишниот Трамп номинацијата за претседател на САД од редовите на републиканците може да ја обезбеди уште наредната недела, за кога се закажани прелиминарните избори во 15 сојузни држави
Доналд Трамп е на чекор да стане официјален кандидат на републиканците за претседател на САД откако викендов оствари серија победи на прелиминарните внатрепартиски избори во неколку сојузни држави, пренесуваат светските медиуми.

Поранешниот американски претседател вчера победи на прелиминарните избори во сојузните држави Мисури, Мичиген и Ајдахо продолжувајќи ја со тоа својата доминација во таборот на републиканците и нивните поддржувачи.
Тој, пренесува Би-би-си, на митинг во Вирџинија им рекол на своите приврзаници и симпатизери дека се наоѓа на „ракета до републиканска номинација“ за претседател на на државата.
Седумдесет и седумгодишниот Трамп номинацијата за претседател на САД од редовите на републиканците може да ја обезбеди уште наредната недела.
Неговиот последен преостанат ривал во трката, поранешната гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли, сè уште се обидува да дојде до својата прва победа на прелиминарните избори, но шансите за нејзиниот пат до претседателска номинација се минимални со оглед на водството на Трамп.
Прогнозите се дека поранешниот претседател ќе ја добие довербата на сите делегати во Мисури и Ајдахо, како и сите оние што останаа во Мичиген, пренесува Си-би-ес, американскиот медиумски партнер на Би-би-си. Третина од делегатите во Мисури веќе се изјаснија за Трамп претходно оваа недела по прелиминарните избори на кои победи Трамп.
Имено, делегатите ја претставуваат својата држава или област на националната конвенција на соодветната партија и одлучуваат кој ќе биде нејзиниот претседателски кандидат. Досега, според Си-би-ес, Трамп има обезбедено 247 републикански делегати, многу повеќе од 24-те што ги има Хејли.
Вчера во главниот град на Вирџинија, Ричмонд, илјадници луѓе чекаа неколку часа во редица за да го слушнат говорот на Трамп.
Тој во обраќањето вети голема победа во вторник кога 15 сојузни држави треба да го изберат својот претседателски кандидат.
„Денес добивме бројки кои беа неверојатни“,
рече Трамп пред насобраните поддржувачи.
Тој во својот говор во Вирџинија, како и претходниот настап во Гринсборо, Северна Каролина, главно се фокусираше на миграцијата на границата меѓу САД и Мексико, порака што според анкетите добро одекнува кај неговата база поддржувачи.
Во повеќе од десет интервјуа за Би-би-си вчера, неговите поддржувачи рекле дека ова прашање е меѓу нивните примарни грижи.