Претседателот на САД на прес-конференцијата по средбата со израелскиот премиер Нетанјаху, исто така, упати закакни и кон Иран, велејќи дека Техеран би можел да се соочил со нов силен удар од САД доколку продолжи со програмите за развој на балистички ракети и нуклеарно оружје
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави оти очекува за многу брзо време да се дојде до втората фаза од мировниот план за Газа, истовремено упатувајќи закани до Хамас дека милитантната група ќе се соочи со пекол доколку не се согласи на целосно разоружување, пренесуваат светските медиуми.

Овие коментари, претседателот на САД ги даде по вчерашната средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Флорида, на која двајцата лидери отворено споделија пофални зборови еден за друг. Во тој контекст, Нетанјаху објави дека на американскиот претседател ќе му биде доделена наградата за Израел, највисокото цивилно одликување во земјата, кое од нејзиното основање во 1950-тите години на минатиот век никогаш не е доделена на лице надвор од Израел.
Од своја страна, за време на прес-конференцијата, Трамп рече дека Израел се придржувал до планот за Газа 100 проценти, и покрај континуираните напади на израелската војска во Појасот, пренесува Би-би-си.
Американскиот претседател, исто така, упати закакни и кон Иран, велејќи дека Техеран би можел да се соочил со нов силен удар од САД доколку продолжи со програмите за развој на балистички ракети и нуклеарно оружје.
Во одговор на заканите на Трамп, главниот политички советник на врховниот лидер на Иран, Али Шамкани, во објава на Икс напиша дека на секоја агресија кон Иран ќе биде одговорено „брзо и жестоко“.
Одговарајќи на новинарско прашање, колку брзо, односно дали има некој рок до кога Хамас и Израел треба да преминат на втората фаза од мировниот план, Трамп рече дека тоа треба да се случи што е можно побрзо, притоа додавајќи дека милитантната палестинска организација мора да се разоружа.
„Ако не се разоружаат, како што се согласија дека ќе го сторат тоа, тогаш ќе се соочат со пекол. Мора да се разоружаат за прилично краток временски период“,
кажа Трамп.
Говорејќи за Газа, американскиот претседател, исто така, наведе дека и реконструкцијата на Појасот, разорен од војната, би можела да започне наскоро.
Инаку, втората фаза од мировниот план од 20 точки, кој стапи во сила на 10 октомври со прекин на огнот меѓу завојуваните страни, предвидува воспоставување технократска влада на опустошената територија, целосно разоружување на Хамас и повлекување на израалските трупи, по што би започнала обновата на Појасот.
Сепак, дел од аналитичарите сугерираат дека Нетанјаху би можел да се обиде да го одложи процесот со тоа што ќе инсистира Хамас првин целосно да се разоружа, а потоа да нареди повлекување на израелските трупи, што оди во насока на предупредувањата на неговите критичари дека тој не сака сериозно да се вклучи во решавање на прашањето за полтичката иднина на Палестинците.
Имено, високи претставници на Хамас велат дека целосното разоружување треба се случи паралелно со напредокот во воспоставувањето на независна палестинска држава.
Прашан дали смета дека Израел не вложува доволно напори за придвижување кон втората фаза од мировниот план, Трамп синоќа изјави дека Тел Авив се придржува до планот и оти неговите грижи не се во таа насока.
„Не сум загрижен за ништо што прави Израел, загрижен сум за тоа што други луѓе го прават или можеби не го прават“,
додаде тој.
Инаку, откако стапи во сила прекинот на огнот, според Министерството за здравство во Појасот управувано од Хамас, најмалку 414 Палестинци се убиени од страна на израелската војска во Газа.

Израелската војска, која контролира повеќе од половина од територијата на Појасот, тврди дека нејзините напади се само одговор на прекршувањата на прекинот на огнот, обвинувајќи го Хамас за убиство на тројца изралески војници во овој период.
За време на прес-конференцијата, Трамп, исто така, се закани со нови напади врз Иран, доколку се утврди дека Техеран користи други локации за развој на нуклеарно оружје.
Во јуни, Трамп излезе со тврдења дека во американските воздушни и ракетни напади се уништени иранските нуклеарни објекти, на што од Техеран беше одговорено дека неговата нуклеарна прогарама не е насочена кон производство на нуклеарно оружје, туку за цивилни потреби.
„Се надевам дека не се обидуваат повторно да градат (објекти за развој на нуклеарно оружје), бидејќи ако се обидат, нема да имаме друг избор освен да ги уништиме тие локации“,
изјави Трамп.
Иран, кој водеше 12-дневна војна со Израел во јуни, во понеделник ги осуди извештаите дека повторно ја активира својата нуклеарна програма како „психолошка операција“ против Техеран.
Оттаму наведоа дека земјата е целосно подготвена да се брани во случај на нова агресија, предупредувајќи дека во таков случај Израел би можел да се соочи со потешки последици.
Вчерашните разговори меѓу Трамп и Нетанјаху во Флорида, според медиумските извештаи, биле фокусирани и на други регионални прашања, меѓу кои и Сирија и милитантната група Хезболах во Либан.
Нетанјаху изјави дека Израел е заинтересиран да обезбеди мирна граница со Сирија, додека Трамп кажа оти се надева Тел Авив ќе воспостави добри врски со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, кој ја презеде власта по соборувањето на Башар ал-Асад, минатата година.
Инаку, Израел сè уште е воздржан во однос на новиот лидер на Сирија, бидејќи е поранешен член на Ал Каеда, а во јули неговата војска ги бомбардираше владините згради во Дамаск.
„Па, се надевам дека тој (Нетанјаху) ќе се сложува со Сирија бидејќи новиот претседател на Сирија работи многу напорно за да заврши добра работа. Знам дека е тврдоглав човек (Нетанјаху), но знаете нема да добиете момче од хор да ја води Сирија“,
рече Трамп.
За потсетување, Трамп во јуни потпиша извршна наредба со која ги укина санкциите на САД против Сирија.
