Според американскиот претседател, немало причина за Путин да употреби ракетни напади врз цивилно население

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска по средбата во Рим со украинскиот претседател Володомир Зеленски, рече дека почнува да се сомнева дали рускиот претседател Владимир Путин навистина сака да заврши руско-украинската војна
„Немаше причина за Путин да употреби ракетни напади врз реони и градови со цивили изминативе денови“,
објави тој на социјалните мрежи, алудирајќи на нападите врз Киев на почетокот на неделава кога загинаа најмалку осум луѓе.
Затоа, вели тој, можеби Путин си поигрува со него.
„Почнувам да мислам дека можеби не сака војната да запре, дека ме потчукнува по рамо цело време. И мора со него поинаку“,
дополни Трамп.
Воедно американскиот претседател најави дека можни се дополнителни санкции за Русија.
Ова следи еден ден откако самиот Трамп рече Украина и Русија се многу блиску до договор за прекин на огнот.

Зеленски и Трамп денеска одржаа средба пред погребот на папата Франциск во Рим, која украинскиот претседател ја оцени како многу квалитетна.