„Тие си го губат времето. Синот на Хамнеи е од лесна категорија. Морам да бидам вклучен во назначувањето, како со Делси (Родригез) во Венецуела“, вели Трамп во изјава за порталот „Аксиос“
Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека тој лично треба да биде вклучен во изборот на следниот ирански лидер и посочи дека синот на убиениот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, е неприфатлив за него.

Во изјава за американскиот портал „Аксиос“, Трамп го нарече синот на Хамнеи, Моџтаба Хосеини Хамнеи слабак и наведе дека тој треба да биде вклучен во назначувањето на идниот лидер на Иран, како што тоа беше случај со привремената претседателката на Венецуела, Делси Родригез, откако Николас Мадуро беше симнат од власт во јануари.
„Тие си го губат времето. Синот на Хамнеи е лесна категорија. Морам да бидам вклучен во назначувањето, како со Делси (Родригез) во Венецуела“,
вели Трамп.
Според Трамп, изборот на лидер што би ги следел политиките на поранешниот врховен водач ќе ги принуди САД повторно да водат војна за пет години.
„Синот на Хамнеи е неприфатлив за мене. Сакаме некој што ќе донесе хармонија и мир во Иран“,
рече тој.
Изјавата на Трамп за „Аксиос“ доаѓа откако секретарот за одбрана на САД во неколку наврати изјави дека промената на режимот не е примарна цел на американската воена операција во Иран. Други претставници на администрацијата на Трамп го изнесоа истото тврдење откако САД и Израел започнаа напади врз Иран минатата сабота, во кои беше убиен поранешниот врховен лидер Али Хамнеи.
Иако самиот Трамп, како што потсетува „Гардијан“, претходно инсистираше на промена на иранскиот режим, неговата администрација изминатите денови го промени наративот посочувајќи дека операцијата е фокусирана на уништување на нуклеарните и воените капацитети на Иран.
Откако започна американско-израелскиот воен напад, Трамп неколкупати сугерираше дека има добра идеја кого сака да види како наследник на Хамнеи.
Сепак, неговите најнови коментари доаѓаат откако тој во вторникот пред новинарите во Белата куќа изјави дека повеќето од луѓето што ги имале на ум се мртви.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој владееше со земјата од 1989 година, беше убиен во напад во саботата, на почетокот на израелско-американската офанзива.
Неговиот син, Моџтаба Хамнеи, е меѓу кандидатите за негов наследник. Тој се смета за една од највлијателните личности во Исламската Република.
За оваа позиција, традиционално резервирана за религиозна личност, беше споменато и името на Хасан Хомеини, внук на ајатолахот Рухолах Хомеини.
