Трамп, кој веќе ги прекина испораките на венецуелска нафта за Куба по апсењето на Николас Мадуро на почетокот на јануари, во четврток потпиша извршна наредба што им овозможува на САД да воведуваат тарифи на земјите што продаваат нафта на Хавана

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека САД се во дијалог со кубанските власти што би можел да заврши со договор, по неговите бројни закани кон карипската нација.
„Разговараме со народот на Куба, со највисоките функционери во Куба. Ќе видиме што ќе се случи, но мислам дека ќе постигнеме договор со Куба“,
изјави американскиот претседател пред новинарите од Флорида.
Откако беше соборен претседателот во Венецуела, главниот сојузник на Куба, Доналд Трамп постојано ѝ се закануваше на владата на комунистичкиот остров.
Зборувајќи за „неуспешна“ и „нестабилна“ земја, тој истакна дека Куба „веќе нема да ја поддржува Венецуела “.
Трамп, кој веќе ги прекина испораките на венецуелска нафта за Куба по апсењето на Николас Мадуро на почетокот на јануари, во четврток потпиша извршна наредба што им овозможува на САД да воведуваат тарифи на земјите што продаваат нафта на Хавана.
Американскиот претседател изјави дека овој потег е преземен за да се заштитат американската национална безбедност и надворешна политика од малигните дејствија и политики на кубанскиот режим. Тој не прецизираше кои земји ќе бидат цел ниту какви царински стапки ќе се применуваат.
Куба се соочува со својата најтешка економска криза од револуцијата на Фидел Кастро во 1959 година и се бори со недостиг на гориво. Иако испораките на венецуелска нафта се намалија во последните години и се надополнуваат со набавки од Русија и Мексико, кубанската економија би можела целосно да колабира доколку САД целосно ги прекинат сите испораки.
