Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска рече дека повеќе од една недела користи хидроксихлорокин како превенција од ковид-19.
Хлорокин и хидроксихлорокин во моментов се одобрени да се користат за лекување маларија, но строго по препораки од лекар и во болнички услови. Од друга страна, пак, се прават тестирања дали овој лек може да помогне за лекување на пациентите со коронавирус. Европската агенција за лекови предупреди дека овој лек може да предизвика нарушувања на срцевиот ритам.
Во моментов наведените лекови клинички се испитуваат за третман на болеста ковид-19. Ефикасноста во лекувањето на ковид-19 со овој лек сè уште не е докажана, а за донесување на заклучоци потребни се резултати од големи клинички испитувања со јасна методологија.
Трамп нагласи дека не е болен од ковид-19, но дека овој лек го користи повеќе од една недела и дека засега нема никакви нус-појави.
„Да, го користам. Лекот се користи повеќе од 40 години против маларија и некои други болести, ако имав лоши реакции ќе споделев. Читав многу добри работи за овој лек, а ќе се изненадите колку многу луѓе го користат“,
рече Трамп.
Тој додаде дека се надева оти наскоро нема да има потреба да го користи, бидејќи очекува да излезе лек како одговор на болеста ковид-19.
„Ќе се изненадите колку многу луѓе го користат. Лекарите го користат, оние што се во првата линија во борбата против ковид-19 го користат. Се надевам дека наскоро ќе има одговор за оваа болест, па нема да морам да го користам“,
рече Трамп.
Неговата изјава предизвика реакции во салата каде што се обрати Трамп, па доби прашање дали докторот од Белата куќа му го препорачал овој лек, а американскиот претседател рече:
„Лекарот од Белата куќа знае дека го земам лекот. Не дека го препорача, но го прашав што мисли и тој ми рече ’ако ти годи, во ред е‘. Јас му кажав дека ми се допаѓа што го земам, а и многу други луѓе го земаат“,
рече Трамп.