Од компанијата со седиште во Атланта засега не ги потврдуваат наводите на Трамп. Портпаролот на „Кока-Кола“ изјави дека наскоро ќе сподели детали за новите понуди и дека го цени ентузијазмот на Трамп за нивниот производ

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека „Кока-Кола“ се согласила да користи „вистински шеќер од трска“ како засладувач во своите пијалаци што се продаваат во САД.
Ова, како што соопшти тој на својата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social), произлегло по неговите разговори со компанијата.
„Разговарав со ‘Кока-Кола’ за користење вистински шеќер од трска во кока-кола во САД и тие се согласија да го сторат тоа. Би сакал да им се заблагодарам на сите што управуваат во ‘Кока-Кола’“,
напиша Трамп на социјалната мрежа.
Од компанијата со седиште во Атланта засега не ги потврдуваат наводите на Трамп. Портпаролот на „Кока-Кола“ изјави дека наскоро ќе сподели детали за новите понуди и дека го цени ентузијазмот на Трамп за нивниот производ.
Инаку, кока-кола што се продава во САД обично се засладува со сируп од пченка со висока содржина на фруктоза, додека во други земји, меѓу кои Мексико, и во делови од Европа, често се користи шеќер од трска.
Иницијативата на администрацијата на Трамп „Да ја направиме Америка повторно здрава“ (MAHA) е усогласена со здравствените политики промовирани од секретарот за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор, кои имаат за цел да ги охрабрат прехранбените компании да ги отстранат состојките како што се вештачките бои, од своите производи.
Кенеди претходно ја критикуваше и високата содржина на шеќер во американската исхрана и најави дека новите упатства за исхрана, кои треба да бидат објавени ова лето, ќе препорачаат Американците да јадат „целосна храна“.