Трамп во објавата не објаснува колкава ќе биде царината

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека ќе ги зголеми царините за Индија поради нејзините купувања руска нафта.
„Индија не само што купува огромни количини руска нафта, туку потоа, голем дел од купената нафта ја продава на отворениот пазар за голем профит. Не им е грижа колку луѓе во Украина се убиени од руската воена машинерија. Поради ова, значително ќе ја зголемам царината што ја плаќа Индија на САД. Ви благодарам за вашето внимание на ова прашање“,
напиша Трамп на неговата платформа Трут соушл (Truth Social).
Трамп во објавата не објаснува колкава ќе биде царината.
Трамп минатата недела изјави дека ќе воведе царина од 25 отсто за стоки увезени од Индија и додаде дека петтата најголема економија во светот, исто така, ќе се соочи со неодредена казна, но не даде детали.
Во текот на викендот, два извори од индиската влада во изјава за Ројтерс рекоа дека Индија ќе продолжи да купува нафта од Русија и покрај заканите на Трамп.
Минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Русија има 10 дена да ја заврши војната со Украина, односно до 8 август, а во спротивно ќе се соочи со санкции од Соединетите Американски Држави.