Со одлуката на новиот американски претседател, Куба останува на списокот на држави спонзори на тероризмот, која самиот републикански претседател ја стави на крајот од својот прв мандат во 2021 година
Во низата одлуки што Доналд Трамп ги донесе по вчерашното преземање на претседателската функција е и поништување на одлуката на администрацијата на својот претходник Џо Бајден, кој неколку дена пред крајот на својот мандат ја отстрани Куба од американската листа на држави спонзори на тероризмот.

Со одлуката на Трамп, Куба останува на списокот на држави спонзори на тероризмот, која самиот републикански претседател ја стави на крајот од својот прв мандат во 2021 година.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз Канел ја осуди одлуката на Трамп.
„Претседателот Трамп, во чин на ароганција и непочитување на вистината, штотуку го врати лажното именување на Куба како државен спонзор на тероризмот. Ова не е изненадувачки. Неговата цел е да продолжи да ја зајакнува суровата економска војна против Куба со цел доминација. Резултатот од екстремните мерки за економска опсада наметнати од Трамп беше да предизвика недостиг кај нашиот народ и значително зголемување на миграцискиот проток од Куба во Соединетите Држави“,
напиша кубанскиот претседател Мигел Дијаз Канел во објава на Икс.
Минатата недела администрацијата на Џо Бајден во последните денови од својот мандат објави дека ќе го извести Конгресот за својата намера да го укине американското именување на Куба како државен спонзор на тероризмот.
Одлуката на Бајден беше придружена со договор со Куба за ослободување на повеќе од 500 затвореници од нејзините затвори, вклучувајќи ги и Кубанците затворени по масовни антивладини протести во јули 2021 година.
Куба е една од четирите нации означени како држави спонзори на тероризмот, заедно со Северна Кореја, Иран и Сирија.
