Американскиот претседател додаде дека неговата администрација истовремено има „сериозни разговори со Русија и добивме силни сигнали дека тие се подготвени за мир“

ФОТО: Фејсбук-профил на Белата куќа
Американскиот претседател Доналд Трамп, за време на неговиот прв говор во Конгресот, се осврна на пораката на Володимир Зеленски, кој вчера изјави оти е подготвен во секое време да го потпише договорот за минерали и безбедност со Соединетите Американски Држави (САД) и да работи под, како што рече, силното лидерство на Трамп.
Трамп изразувајќи поддршка за напорите на украинскиот претседател да ги подобри односите меѓу двете земји, по претходниот тензичен состанок во Овалната соба, рече дека го добил писмото од Зеленски.
Според Трамп, Зеленски во писмото му рекол дека неговиот тим е достапен „под силно водство на претседателот Трамп за да постигне траен мир“.
Трамп вели дека Зеленски, исто така, му рекол дека „навистина цени се што направи Америка за да и помогне на Украина да го зачува својот суверенитет и независност“.
„Украина е подготвена да потпише во секое време погодно за вас“,
се наведува во писмото, рече Трамп.
Американскиот претседател додаде дека неговата администрација истовремено има „сериозни разговори со Русија и добивме силни сигнали дека тие се подготвени за мир“.
„Зарем тоа не би било прекрасно? Време е да се стави крај на ова лудило. Време е да се запре убивањето. Време е да се стави крај на бесмислената војна“,
рече Трамп, нагласувајќи дека мирот може да се постигне само преку дијалог со двете страни.
Претходно Зеленски, во објава на платформата Икс, се навраќа на тензичната средба со Трамп во Белата куќа во петокот, велејќи дека состанокот не поминал како што требало, но истовремено ја повторува посветеноста на Украина за мир и изразува благодарност до Трамп што на неговата војска ѝ дал оружје Џавелин (Javelin) – преносни противтенковски ракети.
Украинскиот претседател наведува дека никој не сака бескрајна војна и оти Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро со цел да се доближи до траен мир.
„Би сакал да ја повторам посветеноста на Украина за мир… Никој не сака мир повеќе од Украинците. Мојот тим и јас сме подготвени да работиме под силното водство на претседателот Трамп за да постигнеме мир кој ќе трае“,
вели Зеленски.
Тензиите на средбата во петокот, што предизвикаа бурни и остри реакции кај дел од светските лидери, резултираше со напуштање на Зеленски на Белата куќа, откажување на планираната заедничка прес-конференција со Трамп, а не беше потпишан ниту договорот меѓу САД и Украина за ретки минерали, како што се очекуваше и беше најавено.