Инаку, одлуката на Трамп доаѓа по обраќањето на канадскиот премиер Марк Карни на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, во кој тој отворено ги осуди големите сили кои економската интеграција ја користат како оружје, а царините како инструмент на моќ
Американскиот претседател Доналд Трамп преку објава на социјалните платформи соопшти дека ја повлекол поканата до Канада да се приклучи во Одборот за мир, иницијатива насочена кон прекинување на воените конфликти низ целиот свет, која според критичарите ја доведува во прашање улогата на Обединетите нации (ОН).

Одлуката на Трамп доаѓа по обраќањето на канадскиот премиер Марк Карни на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, во кој тој отворено ги осуди големите сили кои економската интеграција ја користат како оружје, а царините како инструмент на моќ.
„Со ова писмо, Одборот за мир ја повлекува поканата упатена до вас, која се однесува на вклучувањето на Канада во она што ќе биде најпрестижниот Одбор на лидери некогаш собран“,
напиша Трамп на својата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) во објавата упатена до Карни, пренесе Би-би-си.
Засега ниту од кабинетот на Карни ниту од Белата куќа не одговориле на барањето на Ројтерс за коментар во врска со одлуката на американскиот претседател.
Инаку, Трамп во објавата не ги наведува причините за одлуката да повлече поканата до Канада
Минатата недела од кабинетот на канадскиот премиер соопштија дека Карни бил поканет да учествува во одборот и дека има намера да ја прифати поканата.
Сепак, официјална Отава последните денови сугерираше дека нема намера да ја плати членарината од една милијарда американски долари, што Трамп најави дека ќе ја бара од земјите кои сакаат да бидат постојани членки на Одборот и со тоа да помогнат во неговото финансирање.
Говорот на канадскиот премиер во Давос, во кој тој говореше за новиот светски поредок, беше поздравен со овации. Во него, Карни, меѓу другото, кажа дека Канада, која неодамна потпиша трговски договор со Кина, му покажал на светот како „средните сили“ можат да работат заедно за да ја избегнат штетата предизвикана од американската хегемонија.
Американскиот претседател одговори дека Канада живее поради Соединетите Американски Држави (САД) и оти Карни треба да биде благодарен за досегашната дарежливост на Америка.
„Запомни го тоа, Марк, следниот пат кога ќе даваш изјава“,
додаде тој обраќајќи му се директно на Карни.
Повлекувањето на поканата за Канада дојде неколку часа откако Трамп официјално го формира Одборот, чија првична цел беше да посредува во прекин на огнот во Газа.

Постојаните членки мора да вложат по една милијарда американски долари за да помогнат во финансирањето на работата на Одборот, соопшти Трамп.
„Откако целосно ќе го формираме овој одбор, можеме да правиме што сакаме“,
изјави вчера Трамп во Давос додавајќи дека одборот ќе работи заедно со Обединетите нации (ОН).
Создавањето на комитетот беше одобрено со резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации во рамките на мировниот план на Трамп за Газа, а портпаролот на ОН, Роландо Гомез, вчера изјави дека односот на ОН со мировниот комитет ќе биде ограничен само на тој контекст.
Меѓу земјите чии претставници учествуваа на сцената при објавувањето на Одборот за мир, доминираа земјите од Блискиот Исток и Јужна Америка, со помал број европски и азиски земји.
Меѓу нив се Бахреин, Мароко, Аргентина, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Унгарија, Индонезија, Јордан, Косово, Пакистан, Парагвај, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Обединети Арапски Емирати, Узбекистан и Монголија.
Други сојузници на САД, како што се Велика Британија, Франција и Италија, сигнализираа дека засега нема да се приклучат на иницијативата.
